Камерон ги повика САД да одобрат нов пакет помош за Украина

од Radmila Tasevska
211 прегледи

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон ја искористи денешната посета на Вашингтон за да ги повика американските политичари да одобрат нов пакет воена помош за Украина.

Сенатот под контрола на републиканците вчера го блокираше нацрт-законот за помош од повеќе милијарди долари за Украина, поддржан од Демократската партија. Конзервативците во американскиот Конгрес го поврзуваат прашањето за помошта за Украина со заострување на мерките за борба против илегалната миграција на границата меѓу САД и Мексико.

-Не сум загрижен за силата, единството и храброста на украинскиот народ, загрижен сум дека нема да го направиме она што треба да го направиме. Мораме да обезбедиме да им го дадеме оружјето, да им обезбедиме економска, морална, дипломатска и што е најважно, воена поддршка што може да донесе промени, рече Камерон.

Во врска со загриженоста на САД дека Европа не прави доволно за Украина, Камерон рече дека во однос на економијата и воената помош, Европа прави двојно повеќе од САД.

-Ова го гледам како важен тест за нашата генерација… дали ќе сфатиме дека европската безбедност е и американска безбедност и дали ќе бидеме обединети по ова прашање?, рече шефот на британската дипломатија.

Тој уште еднаш потенцираше дека мора да бидат дадени овие пари за Украинците.

-Мораме да ги поддржиме и да се погрижиме Путин да биде губитник, бидејќи ако овие пари не се гласаат и не се дадат на Украина, има само двајца луѓе кои ќе се насмевнат: едниот е Владимир Путин и другиот е Си Џинпинг во Пекинг, заклучи Камерон.

Слични содржини