Камерон: Забраната за продажба на оружје на Израел само ќе му помогне на Хамас

од Nikola Popovski
156 прегледи

Забраната за продажба на оружје од Велика Британија на Израел само ќе го зајакне Хамас, изјавил британскиот министер за надворешни работи и поранешен премиер Дејвид Камерон за Би-Би-Си.

Камерон рекол дека иако нема да поддржи голема израелска копнена офанзива на градот Рафах во Газа, Велика Британија нема да ги следи плановите на САД да ја запре продажбата на оружје на Израел.

Тој истакнал дека Велика Британија испорачува само 1 процент од оружјето на Израел и предупредил дека Израел мора да стори повеќе за да ги заштити цивилите и да обезбеди хуманитарна помош.

Минатата недела, американскиот претседател Џо Бајден кажа дека САД „нема да достават оружје“ доколку Израел продолжи со планираната инвазија на Рафах, град во јужниот дел на Газа каде што се засолнија околу 1,4 милиони луѓе.

ОН соопштија дека повеќе од 80.000 луѓе го напуштиле Рафах минатата недела, а израелски тенкови наводно копаат надвор од населените области.

Израел соопшти дека ќе продолжи со планираните операции во Рафах и покрај предупредувањата од САД и другите сојузници дека копнената офанзива може да доведе до масовни цивилни жртви и хуманитарна криза. Премиерот Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе ги елиминира баталјоните на Хамас за кои тврди дека се во Рафа.

Камерон потенцирал дека нема да поддржи целосна офанзива на Рафах додека не го види „планот на Израел да го заштити народот“.

Но, тој тврди дека САД, кои ги нарече „голем снабдувач на оружје“ се во „сосема поинаква позиција“ од Обединетото Кралство.

Камерон додал дека последен пат кога бил повикан да ја прекине продажбата на оружје на Израел, кога тројца Британци биле убиени при воздушен напад врз хуманитарните работници во Газа, „неколку дена подоцна имаше брутален ирански напад врз Израел“.

„Доколку го сменат пристапот кон извоз на оружје, тоа ќе го зајакне Хамас и ќе го направи помалку веројатен договор за заложници“, истакнал тој.

Од друга страна, водечката опозициска Лабуристичка партија, која се очекува да може да ја преземе власта на крајот на годината, силно го критикува британскиот пристап кон војната во Газа и повикува на итен прекин на огнот.

– Израелска офанзива на Рафа би била целосна катастрофа, велат оттаму.

Слични содржини