Возилото кое утрово падна во подната фонтана на плоштадот „Македонија“ имало дозвола за движење низ пешачката зона на плоштадот издадена од Град Скопје, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
– Денеска (23.11.2022) во 06.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека на Плоштадот „Македонија“, товарно возило „фиат“ со турски национални ознаки, сопственост на правно лице од Република Турција, управувано од К.Т. (31) од Република Турција, со двете предни гуми влего во фонтаната на плоштадот. Полициски службениви излегле на емстото и било утврдено дека правното лице имало дозвола за влез на плоштадот, издадена од Град Скопје, за снимање на емисија пред Камениот мост. Увид ќе врши екипа од СВР Скопје“, информираат од МВР.
Ова е четврт случај во кој возило пропаѓа во фонтаната, откако тоа се случи и во 2017 година, непосредно пред доаѓањето на ракометарите на „Вардар“ на скопскиот плоштад, каде што се одржа прославата по освојувањето на европскиот трон.
Претходно, за време на фестивалот „Пиволенд“ пропадна камион.
Лани во март пропадна камион за чистење на плочникот на ЈП „Комунална хигиена“. После тоа, плочникот на фонтаната со месеци стоеше отворен и заграден со лента за да не минуваат пешаци.
Фонтаната е изградена во време додека со градот раководеше Коце Трајановски.