Денес, надлежните канадски институции одобрија употреба на вакцина за коронавирус, што ја разви и произведе американската компанија „Модерна“, а Аргентина ја одобри употребата на руската вакцина „Спутник V“.
Министерството за здравство на Канада објави дека издало дозвола за употреба на вакцината против Ковид-19, бидејќи се покажала како ефикасна и безбедна, исто како и вакцината на Фазер/Бајонтек, која беше одобрена од канадските власти пред две недели.
Канадскиот премиер Џастин Трудо на социјалните мрежи изјави дека земјата ќе купи 168.000 дози од „Модерна“ до крајот на месецот и дека испораката на првите вакцини се очекува пред претстојниот викенд.
„Модерна“ ќе достави 40 милиони дози од вакцината во Канада до крајот на следната година.
Трудо рече дека земјата нарачала повеќе од 400 милиони вакцини против Ковид, но ќе сподели дел со светот доколку се покаже дека има вишок.
Од друга страна, Институтот за лекови, храна и здравствени технологии на Аргентина (АНМАТ) денес издаде дозвола за употреба на руската вакцина „Спутник V“.
Дозволата за итна употреба е потпишана од аргентинскиот министер за здравство Гинес Гонзалес Гарсија, а АНМАТ соопшти дека ги посетиле руските комплекси каде што е развиена и произведена вакцината и се убедени во нејзината ефикасност.
Утре се очекува првиот контингент со 300.000 дози на руската вакцина да пристигне во Аргентина, а аргентинскиот претседател Алберто Фернандез објави дека е потпишан договор за набавка на десет милиони дози од таа руска вакцина.
АНМАТ вчера, исто така, одобри употреба на вакцината „Фајзер/Бајонтек“, но аргентинската влада не успеа да се договори за условите за нејзино купување.