Kанадската министерка за надворешни работи Жоли се запозна со проектите на Аналитика

од Stefanija Kuzmanovska
229 прегледи

Тинк Тенк Аналитика имаше посебна привилегија да биде домаќин на канадската министерка за надворешни работи, Мелани Жоли, која одблиску сакаше да се запознае со проектите кои ги спроведува нашиот тинк тенк а се поддржани од канадската амбасада. Таа заедно со тимот на Аналитика го посети средното училиште „Зеф Љуш Марку“ кое е едно од петте училишта каде се реализира проектот „Зајакнување на капацитетот на младите луѓе и наставниците за примена на мерки за сајбер безбедност“.

За време на посетата, министерката ја потенцираше важноста на проблемот со сајбер насилството како во Канада, така и во С.Македонија и сподели информации за сеопфатните мерки за сајбер безбедност кои моментално се имплементираат во Канада со цел решавање на ова критично прашање. Министерката ја нагласи важноста од поттикнување безбедно дигитално опкружување за младите и истовремено ја пофали иницијативата што ја преземаме како организација.

Имајќи ја предвид заложбата на Канада за промовирање на сајбер безбедност, министерката изрази надеж и желба успехот на овој наш проект да се прошири и надвор од границите и ширум светот. Оваа посета го означи почетокот на низата заеднички напори во рамките на нашиот проект и ја потврди нашата посветеност на оваа кауза, истакна министерката на средбата со учениците и професорите од училиштето.

Тимот на Аналитика се заблагодари на поддршката и соработката на оваа многу значајна тема и проект кој дава одлични резултати во намалување на сајбер насислтвото во училиштата каде се реализира. Бојана Мијовиќ Христовска истакна дека сите овие активности не би биле возможни без силна поддршка и вклученост на учениците и професорите кои за проектот имаа само пофални зборови.

Аналитика започнува нов проект и нашиот фокус ќе биде на зајакнување на капацитетите на младите луѓе и наставниците во примената на мерките за сајбер-безбедност и развивање ефективни училишни програми за борба против сајбер-малтретирањето. Аналитика е посветена на создавање побезбедни дигитални простори за младите во нашата земја и преку нашиот проект ќе преземеме значајни чекори кон постигнување на таа цел. Во рамки на прокетот ќе бидат опфатени две основни и три средни училишта и тоа: СУГС „Зеф Љуш Марку“, ОУ Аврам Писевски – Скопје, ГУЦ Здравко Цветковски, СУГС Марија Кири Склодовска – Скопје и ОУ Војдан Чернодрински.

Досега Аналитика успешно реализираше неколку проекти и воспостави доверливи односи со училиштата. Anaityca низ годините активно обучи и ангажираше над 50 професори и над 100 студенти. Нашите препораки се вградени во годишните програми во овие училишта. Најважно е да продолжиме да ја истакнуваме важноста од спречување на врсното насилство и промовирање на родовата еднаквост преку промовирање на соработка и инволвирање.

Аналитика стана доверлив партнер и препознатлива во општеството по темата за промовирање на родовата еднаквост, спречување на врсничко насилство и работа со млади и професори.

Слични содржини