Поранешниот тренер на Динамо Загреб, Фабио Канаваро, во интервју за угледниот италијански весник La Gazzetta dello Sport остро го критикуваше раководството на хрватскиот шампион, опишувајќи го како „најлошото во последните 20 години“.
Италијанецот, кој беше на кормилото на Динамо кратко време, изрази разочарување што не успеал да ја доврши работата која, според него, тргнала во вистинска насока.
„Остана горчина што не можев да ја завршам одличната работа што ја работев со моите соработници. Имавме силен тим и знаевме дека можат да се натпреваруваат – и тоа го прават. Но, имав најлош менаџмент на Динамо, најлошото раководство на клубот во последните 20 години,“ изјави Канаваро.
„Требаше да си заминам кога беше отпуштен Марко Мариќ – човекот кој ме донесе и ме поддржуваше. Тогаш сфатив дека при првата грешка, јас ќе бидам следниот.“
На ваквите обвинувања реагираше и клубот, преку неофицијална изјава доставена до хрватскиот спортски медиум „Спортске Новости“. Од Динамо се обидоа да ја задржат дипломатската реторика:
„Без оглед на неодамнешните изјави во италијанските медиуми, Динамо му се заблагодарува на Канаваро за неговата посветена работа за време на нашата соработка. Тој ќе биде запаметен како исклучителен професионалец и квалитетна личност. Во текот на целиот свој мандат како главен тренер, Фабио Канаваро имаше максимална поддршка од целиот клуб и најпрофесионални услови за работа.“
Од клубот додаваат дека фокусот сега е насочен кон завршницата од сезоната:
„Динамо моментално е целосно фокусиран на завршување на натпреварувањето и следните три кола, со цел да се постигне најдобар можен резултат.“