Канцеларијата за ментално здравје при Филозофскиот факултет бесплатно ќе советува млади лица

од Stefanija Kuzmanovska
154 прегледи

По периодот на криза со КОВИД-19, Филозофскиот факултет ја увиде потребата да ги вклучи алумните од факултетот, како и студентите во завршни години во пружање бесплатна поддршка. За таа цел денеска беше отворена Канцеларија за ментално здравје со бесплатно советување.

На отворањето присуствуваше и првата дама, Елизабета Ѓорѓиевска која посочи дека младите секојдневно се соочуваат со врсничко насилство и со родово базирано насилство, како и со економска зависност која исто така влијае на менталното здравје.

Додаде дека ова треба да се адресира, да се таргетира и да се соочи, бидејќи младите многу ретко зборуваат за тоа, го кријат во себе и една бенигна состојба може многу лесно да ја помине тенката линија и да помине во тешко ментално нарушување и сериозни последици.

–Мерките воведени за време на пандемијата на Ковид-19, поради кои имаше социјална и физичка дистанца, постковид ресоцијализацијата претставуваа проблем за голем број млади, сегашната финансиска, енергетска криза, исто така, претставуваат проблем за младите поради што младите се соочуваат со голем број на тригер фактори кои би можеле да доведат до нарушување на нивното ментално здравје, а не може да се запостави и новиот феномен – влијанието, притисокот на социјалните мрежи, истакна Ѓорѓиевска.

Во Канцеларијата за ментално здравје, дипломираните студенти на Филозофскиот факултет кои имаат лиценца за вршење психолошка дејност ќе работат со средношколци и студенти на унапредување на нивното ментално здравје, а истата дејност со деца и млади кои се без државјанство, бегалци и мигранти, ќе ја вршат студенти од четврта година на студиите по психологија, социјална работа и специјална едукација.

Слични содржини