Сагата со менаџерското место во Манчестер Јунајтед заврши со одлуката на управата да му изгласа доверба на Ерик тен Хаг. Покрај тоа што Холанѓанецот ја зацврсти својата позиција со победата во ФА Купот, другиот важен фактор за донесување на оваа одлука е тоа што повеќето од кандидатите за работата кои беа интервјуирани не беа воодушевени од понудата на Манчестер Јунајтед.
Со „црвените ѓаволи“ најактивно се поврзуваа Томас Тухел, Герет Саутгејт и Маурисио Покетино. Според „Тајмс“, најмалку двајца од тренерите кои биле интервјуирани биле непријатно изненадени. Првиот бил шокиран од ниската плата што му била понудена, додека вториот се зачудил од екстремно нискиот трансфер буџет летово. Според извештаите, на тренерите им било кажано дека имаат загарантирана нето сума од само 35 милиони фунти, а се останато ќе зависи од продажбата на играчите од сегашниот тим.
„Атлетик“ открива дека првичните разговори биле водени со Томас Франк, Маурицио Покетино и Марко Силва, а името на менаџерот на Фулам засега не беше споменуван од медиумите. Преговорите со Томас Тухел и Роберто Де Зерби следеле, а со нив имало дискусија и за конкретни финансиски параметри.
Според „Дејли Телеграф“, Тен Хаг ќе добие понуда да го продолжи договорот за две дополнителни години, т.е. до 2028 година, бидејќи неговиот актуелен договор е до летото 2025 година.