Кантер Фридом номиниран за Нобеловата награда за мир

од Nikola Popovski
337 прегледи

НБА играчот Енес Кантер Фридом е номиниран за Нобеловата награда за мир во 2022 година.

„Почестен сум што сум номиниран за Нобеловата награда за мир. Понекогаш заземањето став е поважно од следната плата“, напиша турскиот кошаркар на Твитер.

Во истиот твит, Фридом објави напис во кој ја истакнува хуманитарната работа на играчот и неговата отвореност за наводните прекршувања на човековите права во Кина, а особено за третманот врз Ујгурите (турски луѓе кои живеат претежно во Кина).

Според американските медиуми, пратеник во норвешкиот парламент го предложил Фридом за номинација, додека 30 нобеловци со соопштение побарале од Бостон Селтикс, поранешниот клуб на Фридом, да го поддржат со тоа што ќе застанат покрај него и ќе го задржат во тимот.

Тој се уште е слободен играч, а неодамна изјави дека е отворен кариерата да ја продолжи во Грција. Селтикс на почетокот на февруари го испрати Фридом во Хјустон Рокетс, кои после четири дена го отпуштија од тимот.

Фридом има 29 години, ја почна кариерата во Фенербахче, а повеќе од една деценија ја поминува во НБА лигата играјќи за Јута Џез, Оклахома Сити Тандер, Њујорк Никс, Портланд Трејл Блејзерс и Бостон Селтикс.

Слични содржини