Кантона: Мундијалот во Катар е човечки хорор, нема да го гледам

од Nikola Popovski
214 прегледи

Легендарниот француски фудбалер Ерик Кантона изјави дека Светското првенство во Катар е „човечки хорор“ и дека нема да гледа ниту еден од натпреварите на турнирот кој се игра од 20 ноември до 18 септември.

„Нема да гледам ниту еден натпревар. Уште кога бев дете, тоа беше настан кој го сакав, го чекав и гледав со страст. Но, ова Светско првенство нема никакво значење. Уште полошо, тоа е ненормално. Катар не е фудбалска земја, нема жар, нема вкус. Еколошка катастрофа, со сите тие стадиони и клима уреди. Какво лудило, каква глупост“, напиша Кантона на социјалните мрежи, а пренесоа бројни француски медиуми.

Французинот рече дека не сака да учествува во „маскенбал за време на кој умираат луѓе“, без разлика каков резултат ќе постигнат фудбалерите на неговата земја.

„Ова е човечки хорор. Колку илјадници загинаа за да се изградат овие стадиони кои два месеци ќе ги забавуваат луѓето…И никој не се грижи. Не сакам да учествувам на овој маскенбал, без разлика дали Франција ќе победи или загуби. Има работи кои се поважни во животот од фудбалот“, изјави Кантона.

Славниот фудбалер настапуваше за Оксер, Мартиг, Марсеј, Бордо, Монпеље, Ним, Лидс и Манчестер Јунајтед, а кариерата ја заврши на 31-годишна возраст.

За француската репрезентација одигра 45 натпревари и постигна 20 гола.

Фото: Getty images

Слични содржини