Во здравствените институции во моментов капацитетот е соодветен на количините што ги имаме и тој може да се удвои. Кога ќе бидат искористени до максимум постојните капацитети, секако дека стојат на располагање дополнителни можности, спортски сали, организирање на отворено, ќе се направи сè за да нема административни пречки за успешна масовна вакцинација. Во текот на првиот ден во салата „Борис Трајковски“ беа вакцинирани 2.800 граѓани, потоа околу 3.000, таму капацитетот за вакцинирање може да расте до 5.000-6.000.
Вака премиерот Зоран Заев го најави масовниот процес на имунизација кога ќе има поголеми количини вакцини во земјава и кога максимално ќе се искористат капацитетите на постојните вакцинални пунктови.
Тој очекува во текот на овој месец во земјава да стигнат околу 300 илјади вакцини од различни производители и масовната вакцинација да тече непречено.
„Во моментов, според количината вакцини што ја имаме, капацитетите на вакциналните пунктови не се целосно искористени. Кога тоа ќе се случи, има можност да се отворат и нови, и во главниот град и во внатрешноста” – рече Заев.
Заев очекува да пристигне и првата пратка од вакцините од „Фајзер“, со кого државата има договор за испорака на 800 илјади дози. И втората пратка преку механизмот КОВАКС исто така треба да пристигне во текот на овој месец. Според Заев, се очекува да стигнат и 200 илјади кинески вакцини планирани за овој месец, како и значителна количина од „Спутник В“, за кои има договор за 200 илјади дози.
„Очекуваме во текот на април да пристигнат повеќе од 300 илјади вакцини. Очекуваме да стигнат првите вакцини од 651 илјада од Европската Унија наменети за Западен Балкан, од кои за нашата земја се 100 илјади. Се надевам дека следните денови или следната седмица ќе стигнат 20.000 до 25.000 од нив. Не зависи тоа од нас, туку и од испорачателот” – рече Заев