Капитенот на Сити вели дека граѓаните се во „мрачен период“, Пеп не се сложува

од Vladimir Zorba
23 прегледи

Фудбалерите на Манчестер Сити беа убедливо поразени од Спортинг во Лисабон (4:1), а капитенот на тимот Бернардо Силва по дуелот од 4. коло во Лигата на шампионите изјави дека тој и неговите соиграчи влегле во „мрачен период “.

Тоа беше трет последователен пораз за тимот на Пеп Гвардиола во последните седум дена, откако беше елиминиран од Карабао купот од Тотенхем и загуби бодови во првенствениот меч со Борнмаут.

„Разочарувачки е, бидејќи во моментов сме во мрачен период. Дури и кога играме добро, не постигнуваме голови од нашите шанси и премногу лесно примаме голови“, изјави Бернардо Силва за ТНТ Спортс.

Сити поведе на стадионот „Хозе Алваладе“ во 4. минута со голот на Фил Фоден, но следеше голем пресврт со трите гола на поранешниот напаѓач на Ковентри, Швеѓанецот Виктор Ѓекереш. Тоа е прв натпревар од 2022 година во Лигата на шампионите, во кој Манчестер Сити поведе и на крајот загуби во основните 90 минути.

„Секако дека треба да направиме анализа и да провериме што не правиме добро. Мораме брзо да се опоравиме, во спротивно ќе биде многу тешко да се вратиме по овие порази“, заклучи Силва.

Но, Пеп Гвардиола понуди поинаков, пооптимистички поглед на ситуацијата во тимот.

„Не се согласувам со него. Не сме во мрачен период. Игравме многу лошо против Борнмаут, но навистина добро овде. Единствено жалам што ги примивме третиот и четвртиот гол, тие пенали беа непотребни“.

Ова беше прв пораз за Сити во новиот формат на Лигата на шампионите, а на актуелниот англиски шампион не му оди лошо ниту во Премиер лигата, каде е втор со два бода помалку од лидерот Ливерпул.

„Знаевме дека почетокот на сезоната ќе биде тежок, што е, тука е. Ми се допаѓа тоа и сакам предизвици. Сакам да се соочам со тоа и да ги подигнам моите играчи. Животот е таков. Продолжуваме понатаму. Што да правиме? Се враќаме во Манчестер и се подготвуваме за натпреварот против Брајтон. Нема да се откажам, можете да бидете сигурни во тоа“, изјави Гвардиола.

Слични содржини