Носителката на листата за советници во Град Скопје од Коалицијата за зелена иднина, Ана Карајанова Димитрушева, во видео-обраќање ја претстави лична политичка мисија за брзи, мерливи и системски промени за пристапно и праведно Скопје.
„Јас сум Ана Карајанова Димитрушева, живеам со мултиплекс склероза повеќе од 25 години. Ја прифаќам оваа чест како најголема обврска пред луѓето со попреченост, пред сите оние кои секојдневно се соочуваат со бариери,” вели Карајанова Димитрушева, нагласувајќи дека нејзината приказна не завршува со дијагнозата.
„Мојот живот не зборува само за болеста — тој е полн со упорност, активизам и верба дека политиката може да се промени.”
Таа најавува конкретна агенда за инклузивна урбана средина во главниот град.
„Овде сум да донесам промени што се мерливи и брзи, како што се пристапни улици и јавни простори, адаптирани автобуски постојки, систем на итна поддршка и јасни процедури за помош на ранливите групи”, порачува Карајанова Димитрушева.
Во обраќањето, таа ја посочува и потребата од отстранување на сите пречки „една по една”, бидејќи „знам како изгледа да те исклучат од системот.”
Со силен повик до жителите на Скопје, Карајанова Димитрушева порачува „ве повикувам — активисти, невладини организации, родителите, младите, повозрасните — да ни се приклучите. Не е важно дали сте дел од политиката или сте независни борци. Заедно ќе покажеме дека Скопје може да биде град за сите.”
На крајот од своето обраќање, таа ја формулира и политичката порака на коалицијата.
„Заокружете го бројот 8 — за Коалиција за зелена иднина, за инклузија, за животно достоинство, за вистинска промена”, апелира носителката на листата за советници во Град Скопје од Коалицијата за зелена иднина, Ана Карајанова Димитрушева.