Каракачанов го нарече Заев Бугарин, македонскиот премиер одговори

од Vladimir Zorba
393 прегледи

Бугарскиот министер за одбрана и вицепремиер на Бугарија, Красимир Каракачанов, вели дека премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, е Бугарин на кому „полека му работи умот“.

„Според стариот бугарски обичај, Бугаринот се вразумува следниот ден, па така е со мојот колега Заев“, рече Каракачанов.

Така го оцени Каракачанов интервјуто на Заев за бугарската агенција БгНЕС, во кое Заев рече дека Бугарија и Северна Македонија имаат заедничка историја.

Каракачанов исто така рече дека заедничката историја за која зборува Заев е всушност бугарска историја до 1944 година.

Заев одговори

Премиерот на Северна Македонија вечерва изјави дека тој е Македонец кој зборува на македонски јазик, признат од целиот свет, со што одговори на коментарот на бугарскиот министер за одбрана.

„Јас сум Македонец што зборува македонски јазик признат од целиот свет. Каракачанов е Бугарин кој зборува бугарски јазик признат од целиот свет“, напиша Заев на Фејсбук, реагирајќи на изјавата на Каракачанов во врска со интервјуто на Заев.

Сепак, Заев додаде дека етничката и идентитетската разлика не е единствената разлика меѓу нив, туку дека поважната и посериозната разлика е во начинот на кој тие гледаат на светот.

„Поважна и посериозна е разликата во нашите светогледи.
Јас работам на доближување на ставовите околу разликите и знам дека тоа е можно само преку размена на идеи и мислења, а не преку навреди и недолични пораки“, напиша македонскиот премиер.

Нашите народи очекуваат исчекор кон пријателство, а не говор на омраза.

„Доста беше омраза!“, заклучи Заев на Фејсбук.

Слични содржини