Бугарија нема да го смени ставот за Скопје по изборите. Ова го изјави министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов за Bulgaria ON AIR.
Неговиот коментар е за очекувањата на премиерот Зоран Заев и другите високи политичари од Северна Македонија дека спорот со Софија ќе биде решен на крајот на март, по парламентарните избори во Бугарија.
„Без оглед на политичката конфигурација во Бугарија по изборите, дали во владата ќе доминира ГЕРБ или БСП, дали ВМРО ќе учествува во владата или не, убеден сум дека нема да има бугарска партија што ќе ги предаде бугарските национални интереси“, вели тој.
„И ова е глупоста во Скопје. Тие сметаат дека со трикови, со надворешен притисок врз Бугарија, можат да продолжат да ја водат оваа антибугарска политика, која ја водат со децении, наместо да седнат чесно, фер, нормално, да имаат нормален дијалог, а не да се обидуваат да не надмудрат“, коментира Каракачанов.
Според него, Скопје не може да не „надмудри“, затоа што „тие тропаат на вратата на ЕУ, а ние треба да ја отвориме“.
„Никако не можат да нè излажат. Тие можат да имитираат активност за уште 20 години, или можеме да седнеме и да ги решиме овие контроверзни прашања во рок од половина година или една или две години“, рече заменик-премиерот за телевизијата.