Или Феноменот на коњот и лавот во современата Македонска монументална „уметност“ (15)

И пред неколку години (си) ги поставував истите прашања: според кои, и чии критериуми сета оваа збирштина од скулптури и скулптурчиња, фигурчиња но и фигууууури среде Скопје ги викаат споменици? Потполно нејасно, зашто овие немаат ама баш никакви допирни точки со поимот споменик! Особено не оној грандиознион кич на Валентинчето, на Томета „Тинекс“ Аџиевски, на Карев, на споменикот на АСНОМ и на редица други. Зашто споменикот слави, често и глорификува, достоинствен е, урамнотежен, се базира на проверени вистини, симболизира, потсетува или пак предупредува, некогаш оплакува, едуцира … итн.
Какви се функциите на овие наши „споменици“? Да ги нагрдат личностите, да ги изложат на потсмев, да не’ исплашат, да не’ шокираат, да не’ згрозат …? Ако тоа била намерата, тогаш – постигната е’! Во интерес на развојот на домашниот и странскиот туризам, можеме да организираме деноноќни тури насловени „Како да се упропасти сопствената историја“, или „Како да го понижите сопствениот народ“ и слично. Или, младите мајки да ги носат „неумните“ деца пред фонтаните со лавји и коњски полутки, или на Мостот на уметноста, да им ги покажат оние страшила и децата од страв веднаш ќе јадат, ќе заспиваат, ќе бидат умни …
Се мислам и друго: дали нашиве „уметници“ можеби ги згрешиле приказните па на животните им даваат човечки карактеристики, а на луѓето – никакви? Зашто, ако тргнете од коњите, за кои што пишував претходно, особено од некои од нив, гледате дека тоа се карактерни животинки, со свој табиет, често раздразливи (коњот на Пере Тошев), тврдоглави (на Никола Петров Русински), некогаш самобендисани (на пример Букефал, но и коњот на Карев), циркузанти (на Чакаларов) … итн. За разлика од нив, јавачите односно токму оние кои би требало да покажат некаков карактер или емоција, се безлични, рамнодушни, здодевни. Еве сега истата приказна и со лавовите. Кај онаа фамозна фонтана со лавји полутки има четири (половични) лава, ама со извонредно пластично отсликана емоционална состојба: едниот (претставен во минатиот текст) е како зашеметен, можеби депресивен, или едноставно – хај; па имате еден што покажува (кралска?) сила, окезен и мавта со шепата (претставена безмалу како човечка рака); третиот исто се дере, но најверојатно заради лошата протеза на предните заби направена од којзнае колку неписмен „доктор“; четвртиот, жив грев, со некаква смешна (постмодерна?) фризура не знае ни каде се наоѓа …! Како тоа животните кај нас покажуваат повеќе емоции од луѓето? И нашиве „уметници“ мислат дека тоа е битно да се претстави?

Иако не можам до крај да ги согледам емоциите на оние другине два he-man или battle-cat лавови од спротивната страна на рахитичните, кај мостот „Гоце Делчев“. И можеби затоа тие предизвикаа толкаво интересирање кај граѓанството. И се’ уште предизвикуваат. Зашто не можат луѓето да им влезат во расположението. Што сакаат? Лути ли се, нерасположени, или само имаат таква непријателска поза – онака робусни, набилдани, коцкести – колку да плашат народ? Иако мислам дека луѓето повеќе се прашуваат не (само) која будала ги направи, туку кој идиот ги постави таму? И ги остави! Инаку, оние тртљави обиди овие чудовишта да се поврзат со Партско-Сасанидската скулпторска традиција може да му паднат на ум само на класичен незналица. Па Сасанидските, и Асирските, и Сумерските лавови се уметнички ремек дела, а не сомнабулни продукти на неуки раце! И впрочем, каква врска има Сасанидската култура со нас, па (уште и неуспешно) да крадеме од неа? И конечно, и Партската и (особено) Сасанидската култура се далеку после времето на нашион Аце, така што тие натегнати врски илустрираат само незнаење и ништо друго!
Но, се разбира, ова може да биде наш придонес, (ако умееме да го изрекламираме, а не умееме, се виде), за тоа како малите македонски „уметници“ ги замислуваат Сасанидските лавови, или можеби лавовите на Марс, или на Јупитер!? Па народ од цел свет да доаѓа и да се чуди. Ама и да плаќа, зашто нашиов рококо „стручњак“, за таа мизерија, наплатил солидни 8.056.500,00 денари. Што во превод му доаѓа 131.000 евра! Да вратиме барем некоја пара.
А кога сме веќе кај лавовите на мостот „Гоце Делчев“, треба да се каже и тоа дека тие беа посочени во Вториот извештај за Скопје 2014 на Слаѓана Тасева и на Драган Малиновски, изготвен по барање на градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски како пример за проблематични исплати и оштетување на буџетот на општината. Во Извештајот дословно стои: „Во пресметката на авторот Константин Јанев, покрај двата лава, тој требало да изработи и 34 квадратни метри релјефи, но од записникот за примопредавање произлегува дека изработил за 5,92 квадратни метри помала површина. Но, оваа сума не е и конечната штета по буџетот на општината, бидејќи во тендерската документација за леењето на релјефите на четирите лава предвидена е вкупна површина од 74 квадратни метри, а излиени се 17,84 квадратни метри помалку. Вкупната штета за општината, само по основа на овие релјефи изнесува 151.560 евра“. Ама махериве не сметале дека треба да вратат пари?
Но, не случајно ги спомнувам и проблематичните релјефи, иако вон контекстот на лавовите. Едниот од нив е мало, или можеби најголемо „ремек дело“ на целиот „проект“. Тоа е т.н. релјеф „Демократија“, каде исказот е напишан со букви од сите можни писма (латиница, кирилица, грчко) за кои чул нашиов „стручњак“, употребени во една реченица. Еден идиотски меланж, за којшто „уметникот“, овде во улога дури и на „лингвист“, не’ убедува дека е коине писмото, односно оној упростен грчки дијалект, во употреба во времето на Александар Македонски! (А коешто, фактички, само ја потврдува тезата на соседната пропаганда дека и Македонската династија, во немање свој, се служела со грчкиот јазик – во неговата упростена коине варијанта!). Mama mia, un cretino fosforescente, што би рекол Маринети!

Но тоа е друга тема, иако сето ова извонредно ја отсликува не само идиотштината и целосната неписменост на сите актери во „најнационалниов проект“, туку и бескрупулозната индиферентност (освен за парите, се разбира) на власта во однос на резултатите!
Златко Теодосиевски
извор: Теодосиевскиуметност