Каранфилова Пановска: Не се разумни стравовите за патот кон ЕУ, приказната се злоупотребува од сегашната власт за политички поени

од Vladimir Zorba
39 прегледи

„Европа не е само некаков симбол, туку реална можност за подобар живот, но власта нема желба за исчекор во европските интеграции и земјата е ставена во авто блокада“, порача заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, на трибината „За Европа сега и одма“ којашто ја организираше Социјалдемократската младина во Куманово.

Европската унија нуди средства преку Планот за раст и реформската агенда, кои се дополнителни на средствата од ИПА фондовите, зошто да не ги искористиме?

„Овие средства се наменети за реформи, инвестиции и приближување на стандардите на работење до оние на ЕУ, со цел да не ни се случува одлив на мозоци, општините да ни бидат почисти, институциите функционални, образованието и здравството подобри“, додаде таа.

-Зошто да земеме унгарски кредит од една милијарда евра кој што ќе треба да го враќаме со камати, а не знаеме под какви услови и колку се вкупните трошоци од тој кредит. А притоа да не ги користиме парите од европските фондови кои се дуплирани за овие три-четири години со Планот за раст?, потенцираше Пановска.

Заменик претседателката повика на одговорност од сите политички актери додавајќи дека процесот на пристапување и преговорите со ЕУ, согласно преговарачката рамка, Македонија може да ги заврши за три до четири години доколку има политичка волја за напредок.

„Владата на СДСМ во периодот 2017–2024 година успеа да го обезбеди следниот чекор – отворање на пристапните преговори и продолжување на процесот на пристапување на државата. Но за жал тој процес сега е во стагнација. Имаме владејачко мнозинство коешто е речиси 2/3 и може да го направи исчекорот и да продолжиме во преговорите. Но ние сме ставени како држава и како граѓани во една авто блокада. Не се разумни стравовите од продолжување на патот кон Европската унија, целата таа приказна се користи односно се злоупотребува за политички поени на сегашната власт“, рече Каранфилова-Пановска.

Каранфилова-Пановска предупреди дека ако не го направиме потребниот чекор, ризикуваме да останеме заглавени со Косово и Босна и Херцеговина, додека Албанија и Црна Гора напредуваат кон членство во ЕУ.

СДСМ останува посветен на европската интеграција и ги повикува сите политички чинители да дадат придонес во овој процес за доброто на граѓаните и иднината на државата.

Слични содржини