Карапејовски од ЗНАМ: Немаме ништо против Бугарите, во Македонија не се дискриминирани

од Nikola Popovski
250 прегледи

Што бара лингвист во политиката, беше меѓу првите прашања што му беше поставено на д-р Бобан Карапејовски, носител на Изборната единица 1 на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, во дебатната емисија „Стадион“ на Канал 77, на кое тој одговори: „Сите ние сме политички битија и мораме меѓусебно да соработуваме. Ако сакате нешто да промените за да имаме подобро општество и ако некој ја дава таа шанса, како политичка партија ЗНАМ – За наша Македонија, повелете и покажете го тоа што го знаете. Тогаш е чесно човек да се нафати и да се обиде нешто да смени системски. Наша Македонија значи Македонија на сите граѓани, не на политичките елити, не на некои што ја имаат криминално киднапирано државата на еден или на друг начин години наназад. Затоа, ние треба да ја вратиме Македонија на сите граѓани што живеат во неа, да покажеме поинаков начин на однесување од она што досега го гледавме – Македонија присвоена од политичките елити што доминираат“.

Дали и со кого би коалицирале, д-р Карапејовски истакна: „Главен услов за коалицирање е декларацијата што ќе ја понудиме до сите политички партии каде што ќе бидат запишани нашите црвени линии и уште еден документ со нашите темелни и идеолошки вредности. Во моментов немаме донесено одлука за коалицирање, но доколку освоиме 10 пратеници и повеќе, ќе бидеме сериозен фактор и кој и да сака да биде партнер со нас, ќе треба да ги прифати нашите програмски определби.“

„Што се однесува до внесувањето на Бугарите во Уставот, нашиот став е јасен – под овие услови вака како што се нуди, ние не можеме да го прифатиме тоа, бидејќи е еден вид уцена и не ни дава гаранција дека оние што не признаваат дека постои македонски идентитет во континуитет, македонски јазик, култура и историја, понатаму нема да бараат нешто повеќе и дополнителни услови. Затоа, конечно еднаш треба се обидеме да не влегуваме во разговори со свиткана кичма, туку да имаме свој став дека бараме реципроцитет врз основа на вредности. Ние немаме ништо против Бугарите, дотолку повеќе што тие во Македонија не се дискриминирани, туку против начинот на кој се води политиката по ова прашање.“

Меѓу другото, тој истакна дека жали што СДСМ, иако вети дека Македонија ќе биде една изборна единица, се претворила во исполнувач на желбите на ДУИ и се откажаала од таа идеја, иако на таков начин сите политички партии би биле најсоодветно репрезентирани во Собранието.

Исто така, тој потенцираше и неколку проекти од изборната програма – Проглас за достоинствена Македонија, ставајќи акцент на тоа како младите да се задржат во земјата. Најдобрите 200 студенти што ќе дипломираат во државата да бидат вработени во научните институции и во јавната администрација, со што ќе биде обезбедено најдобро образование за идните поколенија и најдобар сервис на услуги за сите граѓани. Потоа, долгорочни кредити за новоформирани компании формирани од страна на млади, чии камати ќе ги субвенционира државата, како и финансиска поддршка за отварање бизнис во руралните средини.

На крај од гостувањето во емисијата „Стадион“, д-р Карапејовски им порача на сите граѓани да излезат што помасовно на гласање на 8 мај, „бидејќи ние мораме да го одржуваме демократскиот дух и да одиме чекор понатаму во демократијата, да сфатиме дека сите ние одлучуваме за нашата иднина и за иднината на нашата држава и каков систем на владеење ќе имаме понатаму. Движењето ЗНАМ – За наша Македонија е нова политичка сила, веќе се факторизира како трета и се надевам дека на следните изборни циклуси ќе се фаворизира и ќе премине на второ или прво место. Нашиот претседател Максим Димитриевски е нашиот најголем адут, но исто така, адут е и програмата, идеите и севкупниот човечки капацитет. Единствениот начин да ги промениме системските проблеми е граѓаните да ни дадат што поголема поддршка на 8 мај за да можеме да влијаеме на сите политики и да направиме подобар систем од актуелниот“.

Слични содржини