Високиот крвен притисок, познат и како хипертензија, е посериозен проблем отколку што многу луѓе мислат. Може да се развива бавно и незабележливо, а симптомите често може да се помешаат со други здравствени проблеми.
Високиот крвен притисок, ако не се препознае и третира навреме, може да доведе до срцев или мозочен удар и други сериозни компликации.
Најопасниот симптом на хипертензија? Целосното отсуство на симптоми. Затоа хипертензијата често се нарекува „тивок убиец“. Редовното мерење на крвниот притисок – барем еднаш годишно – може да помогне во навремено откривање на болеста. А денес можете да го измерите и вашиот крвен притисок дома – дигитални мерачи се достапни во аптеките и продавниците.
Американскиот кардиолог д-р Еван С. Левин често споделува корисни совети на социјалните мрежи, а неодамна истакна шест симптоми кои може да укажуваат на висок крвен притисок – иако луѓето често не ги поврзуваат со оваа состојба.
1. Главоболка
Главоболките можат да имаат различни причини, но кога се предизвикани од хипертензија, тие обично се најсилни во целoto теме на главата или на задниот дел, во близина на основата на черепот. Ако имате чести главоболки како оваа, треба да го проверите крвниот притисок.
2. Заматен вид
Високиот крвен притисок може да ги оштети крвните садови во вашите очи, што доведува до заматен вид. Ако вашиот вид одеднаш стане заматен, не го игнорирајте – тоа може да влијае на вашиот секојдневен живот и бара итна медицинска помош.
3. Отежнато дишење
Ако се чувствувате без здив дури и со минимален напор, како што е одење, тоа може да биде знак дека вашето тело се преоптоварува поради висок крвен притисок. Ако се појави отежнато дишење дури и во мирување – задолжително посетете лекар.
4. Болка во градите
Болката или притисокот во градите за време на движење или вежбање може да значи дека вашето срце работи под голем притисок поради хипертензија. Овој симптом е многу сериозен и често се поврзува со срцеви заболувања.
5. Крварење од носот
Иако експертите не се согласуваат дали крварењето од носот е директно поврзано со висок крвен притисок, ако ви се случува често, вреди да се консултирате со вашиот лекар.
6. Пенеста урина
Урината што изгледа пенестo може да укажува дека вашето тело лачи протеини, што може да биде резултат на превисок крвен притисок. Ако забележите таква промена, не одложувајте ја посетата на лекар.