Кариман: Кога камионџии блокираат граници и чинат економска штета од десетици милиони евра дневно, владите веднаш преговараат – кога Роми блокираат патишта, добиваме закани, омраза и медиумски спектакл

„Кога државата ќе дозволи десетици илјади граѓани да живеат надвор од системот 20–30 години, не може преку ноќ да глуми строга правна држава само со казни и конфискации“, вели Кариман од Фондацијата „Роми за демократија“ за „Локално“

од Nikola Popovski
65 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/ТВ Сител

Жесток одговор за заканите и нарушувањето на јавниот ред на протестите организирани од тие кои се противат на мерките од „Безбеден град“, најави премиерот Христијан Мицкоски. Тој рече, во разговор со министерот Панче Тошковски побарал решителна и силна реакција од полицијата за сите кои го прекршиле законот. На протестите дел од демонстрантите палеа и гуми и отпад и влегуваа во вербални конфликти со полициските службеници.

„Разговарав утрово со министерот за внатрешни работи. Тоа што го побарав од него е, оној кој го прекршил законот, јавно упатил закани, го загрозил мирот и безбедноста на граѓаните – жестоко да се одговори. И ќе се одговори за да не се повтори тоа дивеење вчера што се случи“, изјави Мицкоски.

Ромското население од неколку градови низ државата продолжуваат со бурни реакции по одземање на возилата кои биле нерегистрирани и кај оние кои ги управувале без возачка дозвола. Протестите се реакција на примената на мерките кои произлегуваат од измените на Законот за прекршоци. Притоа голем дел од јавноста смета дека блокадите не се соодветни. Сепак, постои и солидарност од општеството и се бара да им се излезе во пресрет на најслабите категории граѓани. „На секои избори, сите политички партии се редат пред ромската заедница за гласови, не бирајќи средства за да ги обезбедат. Овие луѓе се граѓани на Македонија. Кога купуваат леб, масло или шеќер, плаќаат ДДВ исто како и сите ние. Доколку денес се наоѓаат во оваа социјална категорија, одговорноста е заедничка – без исклучок“, се само дел од пораките на социјалните мрежи.

Според Акиф Кариман, директор за демократски развој во Фондација „Роми за Демократија“, ниту еден демократ не може да каже дека е во ред да се загрозува безбедноста во сообраќајот. Законот за сообраќај постои за да штити животи, и тоа важи за сите. Но, според него, прашањето тука не е дали законот е потребен, туку како државата го применува и дали претходно создала услови луѓето воопшто да можат да го почитуваат.

-Овие протести не се за „право да се вози без дозвола“. Тие се резултат на децениска институционална замка: без лични документи не можеш да се запишеш на училиште, без образование не можеш да полагаш за возачка дозвола, а сега државата конфискува средства за егзистенција од луѓе на кои самата им оневозможила усогласување. Граѓаните не се во право кога велат дека правилата не важат за нив. Но, се во право кога велат дека државата бара усогласеност што со години ја правела невозможна, вели Кариман во разговор за „Локално“.

Тој потенцира дека безбедноста во сообраќајот не е предмет на компромис, но околу прашањето, „дали е оправдано дел од граѓаните што немаат образование, а со тоа и немаат право да полагаат, имаат право да загрозуваат животи на улици“, Кариман вели дека се поставува погрешно — поради недоволно јасно артикулиран став на поединци се осудува и поттикнува омраза кон цел колектив, наместо да се анализира системот којшто довел да има толкава дискрепанца помеѓу тоа што го обезбедила како предуслови и тоа што сега го бара како обврска.

Акиф Кариман/Фото: Фејсбук

-Овие луѓе не се необразовани затоа што така избрале. Судовите во Северна Македонија веќе имаат утврдено дека државата сноси одговорност за генерации Роми оставени без документи, без пристап до образование и без пат до формална економија. Кога државата ќе дозволи десетици илјади граѓани да живеат надвор од системот 20–30 години, таа не може преку ноќ да глуми строга правна држава само со казни и конфискации, без транзициски мерки. Законот без пат до усогласеност не е владеење на правото — тоа е селективна репресија, дециден е соговорникот.

За најавениот жесток одговор од премиерот, Кариман истакнува дека е преостра реакција, не затоа што државата нема право да реагира, туку затоа што реагира само со сила, а не со управување. Според него, кога камионџии блокираат гранични премини и чинат економска штета од десетици милиони евра дневно – владите веднаш преговараат.

-Кога Роми блокираат патишта, добиваме закани, омраза и медиумски спектакл. Овие луѓе велат нешто едноставно: без возилото — нема работа, нема храна, нема преживување. Тоа не го оправдува палењето гуми и возењето без возачка, но го објаснува очајот. 90-дневен грејс период, итни пунктови за издавање на лични документи, програми за образование на возрасни — ниту една од овие мерки не бара сила, пари или криза. Бараат политичка волја. Преостра е реакцијата затоа што е едностранa: закана наместо решение, оценува директорот од Фондацијата „Роми за Демократија“.

Дел од јавноста смета дека државата треба да ѝ помогне на ромската заедница со финансирање за да добијат возачки дозволи. Со таков е и Кариман, но, тоа да не биде како милост, туку како обврска.

-Секое општество што сериозно зборува за владеење на правото, мора да инвестира во тоа луѓето да можат да станат дел од системот.
Ако државата со децении пропуштила да обезбеди документи, образование и пристап до институции, тогаш помошта не е привилегија — таа е корекција на сопствен неуспех. Финансирање на образование за возрасни, поддршка за полагање возачки, олеснета регистрација на возила — тоа не ја поткопува правната држава. Во Германија на пример, агенцијата за вработување нуди такви сервиси на невработените со цел да ги интегрира во пазарот на трудот, бидејќи тоа ја зајакнува правната држава и економијата, затоа што ги внесува луѓето во системот наместо да ги држи надвор од него. Силна држава не е таа што најгласно казнува, туку таа што знае како да интегрира, заклучува соговорникот.

Според Менсур Халити, потпретседател на фондацијата „Роми за Европа“, во секоја нормална недела, секоја од тековните кризи во Македонија би доминирала во вестите. „Најголемото судење за корупција во земјата- 35 обвинети, вклучувајќи двајца поранешни министри- продолжува во Скопје поради пожарот во ноќниот клуб во кој минатиот март загинаа 63 тинејџери. На 10 февруари, владата ќе го пропушти критичен рок за пристапување кон ЕУ кој не вложи сериозен напор да го исполни. Обвинителството штотуку отвори истрага за извозот на човечко мозочно ткиво во Соединетите Американски Држави, поттикната од документи од случајот Џефри Епштајн. А пратка од пет тони марихуана — најголемата заплена на дрога во историјата на регионот — е поврзана со политички фигури. Наместо тоа, македонските медиуми поминаа три дена објавувајќи целосни известувања за ромски демонстранти кои палат гуми“, вели Халити.

Според него, тоа не е несреќа туку избор и разбирањето зошто Владата го направи тоа открива сè за тоа како функционира Македонија.

Според новите измени, возилата можат да бидат конфискувани за сериозни прекршоци. Халити посочува дека за ромските заедници со 73 проценти невработеност и речиси целосна зависност од неформална работа, конфискацијата значи економска смрт.

Менсур Халити/Фото: Фејсбук

-Барањата на демонстрантите—возачки дозволи без испити, враќање на конфискувани автомобили—звучат неразумно додека не ја разберете замката. Судовите во Северна Македонија потврдија дека државата носи одговорност за заминувањето на Ромите без основна документација. Без лична карта, не можете да се запишете на училиште. Без училиште, не можеш да добиеш возачка дозвола. Државата која сега бара усогласеност помина децении правејќи го усогласеноста невозможна. Министерството за внатрешни работи не одговори на барањата за дијалог. Не предложи никаков пат до усогласенос, објаснува соговорникот и прави споредба:

„Кога камионџиите од четири балкански земји блокираа гранични премини на ЕУ од 26 до 30 јануари — што чинеше околу 100 милиони евра дневно — владите веднаш преговараа. Возачите на Црна Гора ја укинаа блокадата по една единствена средба. Европската комисија ги призна професионалните возачи како посебна категорија. Кризата се реши за помалку од една недела.

Кога Ромите блокираа патишта, одговорот беше тишина. Нема состаноци. Нема предлози. Нема министерски изјави. Покриеноста беше сензационална 72 часа по ред. Разликата не е во комплексноста. Ситуацијата со Ромите е поедноставна— 90-дневен грејс период не би чинел ништо. Разликата е во моќта. Камионџиите ја парализираат трговијата. Ромите, кои за првпат од 1989 година немаат пратеници во парламентот, не парализираат ништо освен новинарскиот циклус“.

Халити има свои предлози за решението со проблемите на граѓаните. Укажува за итен пункт или одделение за вадење на лични документи во погодените општини — обработка на лични карти, изводи од матична книга на родени, потврда за живеалиште, што би барало само прераспределба на персоналот.

„Решение за образование на возрасни за граѓани кои никогаш не завршиле основно училиште (предуслов за возачка дозвола) може да биде објавена на една прес-конференција. Амнестијата за регистрација на возила со намалени такси всушност би ги зголемила даночните приходи со воведување на нерегистрираните возила во системот. Ова не се радикални предлози. Тие се нешто што секоја влада би го земала предвид кога се соочува со немири што сака да го прекине. Владата на Мицкоски не ги објави јавно“, оценува соговорникот.

Потпретседателот на фондацијата „Роми за Европа“ објаснува дека протестите на Ромите нудат нешто што ниту една од другите приказни не го прави: негативец што ја обединува, а не ја дели базата.

„Судењето за пожарот ги инкриминира официјалните лица. Рокот на ЕУ ги дели националистите од проевропејците. Скандалот со мозокот ги допира институциите. Заплената на дрога отвора непријатни прашања. Но, Ром кој пали гуми? Тоа е приказна каде владата е херој—брани закон, ред, и легитимни жалби на вистинските Македонци против беззаконо малцинство кое бара посебен третман.

Улогата на медиумите беше поучна. Додека другите приказни се одвиваа, медиумите објавија три последователни дена сензационализирани протести. Некои ги обновија дебатите дали ромските деца треба да посетуваат училиште со етнички Македонци. Социјалните мрежи беа преплавени со, според набљудувачите, илјадници коментари со говор на омраза. Ова не беше пасивно известување. Беше активно кадрирање

Владата не објави ниту едно од овие решенија. Решението би барало преговори, компромис, неубава работа на управување — и тоа би ја отстранило приказната од екранот. Математиката е едноставна. Решена криза исчезнува од вестите. Постојаната криза останува на екранот, поместувајќи сè друго“, истакнува Халити.

СДСМ смета дека категории граѓани во државата не смеат да имаат проблем во однос на проектот „Безбеден град“. Порачуваат дека улогата на Владата е да излезе во пресрет на сите. Прекршување на закон не смее да се толерира, но бараат да се разговара со луѓето и да им се понуди решение за проблемот.

-Апсолутно демантирам. За протестите разбрав од медиумите ниту сметам дека тоа е начинот да се бара решение. Ние на почетокот кажавме за законот што сметаме дека е добро, а што лошо. Тоа е начинот да се најдат решенијата, кажа лидерот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција откако ВМРО-ДПМНЕ обвини дека најголемата опозициска партија има вмешаност во организирањето на протестите на дел од граѓаните од ромска националност.

Н.П.

Слични содржини