Јувентус и официјално го објави потписот со играчот за врска Карлос Алкараз, кој пристигна на позајмица од второлигашот Саутемптон. Бјанконерите за трансферот платија околу 4 милиони евра со бонуси од речиси 2 милиони, а доколку сакаат трајно да го задржат играчот ќе треба да извадат уште 49,5 милиони.
Така „Старата дама“ успеа да ја оствари целта за засилување на средниот ред, давајќи му доверба 21-годишниот Аргентинец, кој за една година во составот на „светците“ одигра 47 натпревари со 8 гола и 5 асистенции по неговото доаѓање од аргентински Расинг за речиси 14 милиони евра. Куриозитет е што според договорот меѓу Јувентус и Саутемптон, доколку играчот од средниот ред не игра доволно редовно, торинезите за неговата кирија ќе платат уште поголема сума од циркулираните 4 милиони евра. Самиот Алкараз во својот нов тим ќе го носи дресот со број 26.
Во меѓувреме, популарниот имењак на талентираниот фудбалер, поточно светскиот рекет број 2 во машкиот тенис Карлос Алкараз, се пошегува на сметка на трансферот на Јувентус. Под објавата на клубот на Инстаграм, шпанскиот тенисер напиша: „Ќе дадам се од себе! Ви благодариме на довербата“, а торинскиот клуб возврати со намигнување.