Карлос Саинц (62) го напушти релито Дакар

од Vladimir Zorba
27 прегледи

Бранителот на титулата во автомобилска конкуренција, Шпанецот Карлос Саинц, по втората етапа се повлече од релито Дакар во Саудиска Арабија.

Саинц и неговиот совозач Лукас Круз доживеаја превртување во неделата во првиот дел од 48-часовната втора етапа на релито. За време на несреќата тие сериозно го оштетиле својот Форд Раптор, но во понеделникот успеале да ја завршат етапата на час и 35 минути зад лидерот.

Меѓутоа, при преглед на автомобилот е утврдено дека штетата предизвикана од несреќата е „терминална“, бидејќи влијаела на елементот што не може да се поправи – безбедносниот лак.

„Вчера изгубивме многу време поради несреќата. Потоа повторно се изгубивме, а утрово ни пукна гума и потоа изгубивме многу време повторно. Беа два дена за заборав“, рече Саинц.

По минувањето на целта, техничкиот комитет го прегледа болидот на Саинц, ставајќи посебен акцент на комплетот цевки кои ги штитат возачот и патникот. Техничките стјуарди на ФИА оценија дека овој дел е оштетен и не му дозволија на Форд Раптор со шпанската двојка да ја продолжи трката.

Со 62 години, Саинц беше еден од фаворитите за трката, која ја освои четири пати, секој пат за различна марка (Фолксваген 2010, Пежо 2018, Мини 2020 и Ауди 2024). Двојниот светски шампион во рели (1990, 1992), оваа година се натпреваруваше за Форд.

Слични содржини