Карпата на Матка може да остане уште 100 години, но може и да се урне во моментов, вели Ангелов

од Nikola Popovski
332 прегледи

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, денеска на прес-конференција информираше за добиеното Стручно мислење за потенцијален одрон на теренот во зона на акумулацијата „Матка“, во близина на преградниот профил Матка. Тој појасни дека се препорачува изработка на проектна програма, како и техничка документација за санација на карпата.

-Ова значи дека со некои моментални влијанија, како мраз или земјотрес, блокот може да стане нестабилен.Сепак не можеме да предвидиме кога би се случил одронот. Како што соопштив и претходно, карпата може да остане таму уште сто години, но и може да се урне во моментов, оценува Ангелов.

За решавање на овој проблем, потребно е да се извршат анализи на стабилноста и за траекториите на одронетите блокови.

-Еден од проблемите е што овој блок на карпа кој тежи околу 20 тони, лежи врз друг блок. Се поставува прашањето, дали при неговото одронување, односно лизгање, би паднал само тој или заедно со него би паднал и дел од подлогата, што може повеќекратно да ја зголеми тежината и волуменот на карпата. Затоа е потребно да се направат овие анализи, особено анализи на траекториите на откинатите парчиња блокови од карпи, изјави Ангелов.

Како што напомена директорот на ЦУК, една од можностите е карпата да биде зацврстена на самото место со специјални техники, значи да се усидри таму каде што се наоѓа, а втората е нејзино контролирано рушење.

Слични содржини