Карпош додели награди за најдобрите наставници-стручни соработници

од Andreja Salpe
333 прегледи

Во пресрет на 24. Мај – Денот на сесловенските просветители, Свети Кирил и Методиј, општина Карпош ги додели признанијата за најдобар одделенски и предметен наставник, како и стручен соработник. Покрај признанијата Општината ќе ги награди и со по 10.000 денари годинешните лауреати, а оваа манифестација ќе се востанови  и како традиција за во иднина.

Локалната самоуправа претходно распиша јавен повик, каде што можеа да аплицираат сите наставници од десетте основни училишта. Посебно формирана комисија, составена од членови на Советот и стручни служби од Одделението за образование ги разгледаа сите пристигнати предлози и направија избор на најдобрите.

Денеска, во еко – училницата на ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае, градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев ги додели признанијата на наградените наставници и стручни соработници.

-За најдобар одделенски наставник избрана е Билјана Петрова од основното училиште „Петар Поп Арсов“.

-За најдобар предметен наставник избрана е Виолета Панев, наставничка по англиски јазик во ООУ „Владо Тасевски“.

-За најдобар стручен соработник – педагог, избрана е Даниела Панајотова од ООУ „Петар Поп Арсов“.

-Навистина, не секогаш е лесно да се направи избор на најдобрите, но, се надевам дека овие три признанија ќе го мотивираат колективот во секое училиште. Затоа што квалитетни, професионални и креативни наставници значат и подобри генерации на ученици, рече Богоев.

Градоначалникот Богоев потсети на сите активности кои Општината ги направи во оваа учебна година на полето на основно образование. Општина Карпош обезбеди соодветна ИТ опрема за сите училишта, средства за дезинфекција, а продолжи и  со тековното подобрување на инфраструктурата во училиштата.

Една од основните цели кои си ги поставивме е секое училиште да има сензорна соба за ученици со попреченост, како и еко – училница за настава на отворено, нагласи градоначалникот на Карпош

Слични содржини