Отворање на Дневен центар за лица со аутизам на територија на Карпош, кој ќе има за цел да овозможи нега и развој на вештините кај овие граѓани, беше главна тема на разговор на денешната средба меѓу градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и амбасадорот на Бугарија во Скопје, Ангел Ангелов.
Овој центар се предвидува да се отвори во Тафталиџе 1, во просториите на постоечката амбуланта. Со поддршка на оваа амбасада се планира целосно уредување на внатрешниот дел, реконструкција и негово адаптирање за прифаќање на лицата со аутизам.
За овој центар, кој ќе биде прв од ваков тип во нашата држава, обезбедена е поддршка и од Министерството за здравство и од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје.
Градоначалникот Богоев ја изрази подготвеноста на Карпош, да се вклучи во надворешно уредување на околниот простор, кој ќе се користи за лицата со попреченост, за различни рекреативни и едукативни цели:
-Како локална самоуправа даваме голема поддршка за младите лица со попреченост – децата (преку отворање на сензорните соби во училиштата и градење инклузивни игралишта). Овој центар навистина ќе овозможи поголема заштита на оваа категорија млади од 15 до 30 години, кои треба да се почувствуваат понезависни и да придонесуваат во заедницата, рече Богоев.
Присутните на состанокот, Антонија Велева, координатор на проекти во Република С. Македонија од Амбасадата на Бугарија и Весна Стојановска, од НВО „Во мојот свет“ детално ги претставија активностите на овој центар. Имено, слична ваква установа постои во Нови Сад (Србија), а згрижувачкиот капацитет би бил од 30 до 50 лица. Во насока на развивање на вештините кај овие лица се разговараше и за поставување на посебни содржини во надворешниот дел, како и изградба на сензорен парк.
Градоначалникот Богоев му се заблагодари на амбасадорот и на другите ресорни институции кои ја препознале Карпош како инклузивна општина, која може да обезбеди унапредување на условите за живот на лицата со аутизам.
Во претстојниот период ќе продолжат активностите на сите вклучени чинители, за целосна реализација на проектот. Се очекува теренските активности да започнат на почетокот на 2021 година, а отворањето на Дневниот центар да биде во текот на пролетта, 2021 година.