Општина Карпош се сеќава на Тоше Проески, својот сограѓанин и нашата најголема музичка ѕвезда., кој денеска ќе наполнеше 40 години. Вообичаено, во овој период од годината, локалната самоуправа го организираше Меморијалниот турнир во мал фудбал во чест на Тоше, а во соработка со здружението на стопанственици – Власи, „Мандра“.
На овој спортски натпревар учествуваа екипи од Нова Градишка (Хрватска), Серес (Грција), Карпош, Крушево, неколку места кои беа значаен белег од животот на Тоше, како и со учество на тимови од неколку приватни компании.
Сепак, поради пандемијата од КОВИД – 19 овогодинешниот турнир е одложен, со цел да се заштити јавното здравје.
Тоше, во последните години од својот живот беше граѓанин на Општина Карпош, како жител на населбата „Свети Јован“ во Злокуќани.
Општина Карпош продолжува да го негува споменот на нашата музичка ѕвезда, кој беше и остана синоним за многу доблести, симбол на хуманост и солидарност.
Преку хуманитарните и спортски натпреварувања се сеќаваме и го одржуваме споменот на Проески, а на младите им го пренесуваме неговиот дух – да бидат подобри граѓани во заедницата.