ЈП Комунална хигиена-Скопје преку соопштение се пожали дека се соочува со енормно зголемено количество градинарски отпад што се одложува на јавни површини во скопската општина Карпош, најчесто во непосредна близина на контејнерите со зафатнина од 1,1 м3 и 3,2 м3, што резултира со секојдневно создавање диви депонии коишто директно влијаат врз загадувањето на животната околина во општината.
-Само во текот на месецот мај, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстраниле вкупно 150 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на општината Карпош, составени претежно од градинарски отпад.
Воедно, комуналниот отпад од колективните домувања којшто жителите на оваа скопска општина го одлагаат во контејнерите поставени на јавни површини се собира и транспортира без никаков застој, во согласност со динамиката утврдена со Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на Градот Скопје и Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје.
Екипите на Претпријатието континуирано ја одржуваат и хигиената на близу шест милиони квадратни метри јавни и сообраќајни површини што се во надлежност на Градот Скопје, преку секојдневно рачно и машинско метење и миење. Се спроведува машинско миење со автоцистерни на сите булевари и поголеми улици во градот, како и рачно миење, машинско и рачно метење на најфреквентните јавни површини – улицата Македонија, централниот плоштад Македонија и помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, Камениот мост, мостовите „Гоце Делчев“ и „Слобода“, пешачките мостови во централното градско подрачје, кејот „13 Ноември“, како и Старата скопска чаршија, велат од претпријатието.
Се наведува дека ЈП Комунална хигиена-Скопје и понатаму продолжува на граѓаните да им ја нуди можноста својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди да ги одложат без плаќање на надоместок во центрите за селекција во Карпош, секој ден во неделата, од 09 до 19 часот.
-На бесплатниот телефонски број 0800 222 33 корисниците може да ја нарачаат и услугата за преземање и транспорт на кабастиот отпад директно од нивните домови со специјалните возила на ЈП Комунална хигиена-Скопје, што се наплатува согласно однапред утврден Ценовник, објавен на веб-страницата на Претпријатието, стои во соопштението.