Мора да прифатиме дека Македонија е мултиетничко и мултикултурно општество. Се додека државата има химна и ги повикува само македонскиот народ, треба да се прилагодиме на реалноста. Ако сите треба да ја почитуваат државната химна, таа химна треба да ги почитува сите различности со кои живееме секојдневно, рече градоначалникот на Тетово и лидер на БЕСА, Биљал Касами на денешниот брифинг со медиумите.
Според него, ако се пее македонската химна во училиштата, мора да се почитува албанското мнозинство и да се пее и албанската химна.
-Одлуката ќе ја почитуваме, но законите мора да ги почитуваат сите различности во државата. Ценам дека Албанците како втор мнозински народ, мора да бидат почитувани во оваа одлука. Треба да се интонира и албанската химна и тоа што го почитуваат и Албанците, додаде Касами.
Ова следува откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повика Министерството за образование, по примерот на општините Аеродром и Гази Баба, во сите училишта низ државата да се воведе задолжително интонирање на националната химна. Според Мицкоски, на овој начин секој граѓанин ќе покаже почит кон основните симболи на државата.