Касами до Ахмети: „Ние нудиме програма за граѓаните, а тој нека се занимава со злобниците и кучињата“

Касами потсети на периодот на владеење на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ во времето на екс-премиерот Никола Груевски, кога, според него, Албанците се соочувале со полициска репресија

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Официјален ФБ профил на Биљал Касами

Градоначалникот на Тетово и кандидат за втор мандат, Биљал Касами, ги коментираше изјавите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, велејќи дека не сака да му одговара на исто ниво како што вчера тој говорел на партиската конвенција во салата „Борис Трајковски“ каде ги опиша лидерите на ВЛЕН како кучиња „загари“.

Касами рече дека ВЛЕН нуди програма за подобрување на животот на граѓаните и дека Ахмети ќе го добие одговорот на 19 октомври.

„Не сакам да му одговарам на исто ниво, ова се локални избори и имаме што да промовираме за да го подобриме животот на граѓаните. Граѓаните го знаат вокабуларот на Али Ахмети дури и на парламентарните избори, кога тој ја нарече тогашната албанска опозиција „злобници“, со дел од која сега соработува и го доби одговорот на парламентарните избори. Тој ќе го добие одговорот за овој вокабулар на локалните избори“, рече Касами.

Тој се потсети на периодот на владеење на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ во времето на екс-премиерот Никола Груевски, кога, според него, Албанците се соочувале со полициска репресија.

„Ја знаеме Владата со Никола Груевски, кога Албанците беа затворани, а мајките Албанки беа влечени од полицијата, при што заменик-министерот Албанец излезе да го легитимира ова. Значи, Албанците знаат како беше во Владата со Никола Груевски и како е денес. Ние нудиме програма и подобрување на животот на граѓаните. Нека Али Ахмети се занимава со злобниците и со кучињата“, рече Касами.