Касами до ДУИ: Ќе има ли ноќна стража пред американската амбасада во Скопје?

од Nikola Popovski
731 прегледи

САД го прогласија Артан Груби за персона нон-грата. Ова е уште еден доказ за она што постојано го зборувавме – дека ДУИ приредува шоу за да се спаси себе си во секоја прилика и дека дури и со шаторите тие се обидуваат да ја скријат корупцијата, а воопшто не им е грижа за албанскиот јазик, објави синоќа претседателот на БЕСА и еден од лидерите на ВЛЕН, Биљал Касами, коментирајќи го назначувањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби на црната листа на САД со имиња од Македонија.

Целосната објава на Касами:

„САД го прогласија Артан Груби за персона нон-грата. Ова е уште еден доказ за она што постојано го зборувавме – дека ДУИ приредува шоу за да се спаси себе си во секоја прилика и дека дури и со шаторите тие се обидуваат да ја скријат корупцијата, а воопшто не им е грижа за албанскиот јазик

Сега ќе има ли ноќна стража пред американската амбасада во Скопје?“.

Американскиот Стејт департмент ги стави на „црната листа“ за вмешаност во корупција поранешниот вицепремиер и екс-министерот за односи меѓу заедниците Артан Груби и судијата на Апелациониот суд,  Енвер Беџети, како и нивните семејства.

Според соопштението на американскиот Стејт департмент, двајцата биле вмешани во „значителна корупција со примање мито за поткопување на судската постапка“ против поранешниот директор на Службата за безбедност и контраразузнавање за време на владата на Никола Груевски – Сашо Мијалков. Од 2022 година и Мијалков е на „црната листа“ на САД поради корупција.

Според американската амбасадорка, Ангела Агелер, одлуката за дополнување на американската „црна листа“ со уште две имиња од Македонија е „доказ дека политичкото мешање во судскиот систем не може и нема да се толерира“.

„САД ќе продолжат да ги именуваат оние кои се вклучени во значителна корупција што ги поткопува демократските институции и довербата на јавноста. Никој не е над законот и одговорноста е суштинска за напредок“, напиша Агелер на социјалните мрежи.

Судијата Беџети, за кого под притисок на јавноста Судскиот совет лани во ноември отиде во контрола и утврди дека 9 месеци го чувал предметот „Тврдина-Таргет” за да застари, помина само со парична казна. Судскиот совет по поведена дисциплинска постапка, тогаш одлучи да го казни Беџети 20 отсто од платата во наредните 6 месеци.

Слични содржини