Вечерва би требало да се утврди како коалицијата ВЛЕН ќе настапи на престојните локални избори. Според најавите, лидерите на коалицијата ќе седнат на заеднички состанок. За еден од предводниците на политичкиот субјект, Биљал Касами, ВЛЕН на изборите ќе настапи заедно.
„Јавноста веќе е запознаена дека има неколку опции, но како и да е се надевам дека денеска ќе биде последниот ден, односно последен состанок, каде ќе се дефинираат овие дилеми во рамките на дебатата за локалните избори. Јас сум убеден дека Влен и на локалните избори ќе оди заедно и тоа што го покажавме на парламентарните избори ќе го покажеме и на локалните избори и конечно ќе успеваме да ги добиваме и општините и да ги водиме успешно како што ние сме убедени дека ја водиме политиката во рамките на владината коалиција но исто така и во рамките на општините каде што и досега се води од коалицијата“, изјави денеска Касами.
Еден од лидерите на ВЛЕН и министер за здравство, Арбен Таравари изјави дека продолжуваат разговорите во рамките на коалицијата за тоа како ќе настапат на локалните избори, но и општо како ќе продолжи нивниот однос во заедничкиот политички субјект, особено по објавите дека има незадоволство.
-Се надевам дека работните групи ќе продолжат да изнајдат најдобро можно решение што нема да биде фрустрирачко или демотивирачко за партиите кои се дел од ВЛЕН, рече Таравари по работната посета на општа болница „Ферид Мурад“ во Гостивар.
За изјавите на Касами, лидерот на едното крило на АА изјави дека во психологијата има еден феномен кога „устата побрзо зборува додека мозокот процесуира“.
-Тоа се вика лапсус лингва. Мислам дека господинот Касами немаше намера лошо да помисли дека Алијанса за Албанците е нула. Не ги постави зборовите правилно во реченицата и се надевам дека немал лоши намери и дека не мисли како што кажа туку дека избрза и излезе како што не треба, додаде Таравари.
Максимално сме посветени да ги задржиме сите партнери внатре во ВЛЕН, рече денеска министерот за европски прашања Орхан Муртезани, кој е кадар на Алтернатива, одговарајќи на новинарско прашање што очекува од денешната лидерска средба во рамки на коалицијата.
Таравари, претставник на Алијанса за Албанците, за која водеше и судски спор со Зијадин Села, е единствениот од четворицата лидери во ВЛЕН чии ставови не се на иста линија со останатите – Изет Меџити од Демократското движење, Зеќирија Ибрахими од Алтернатива и Билал Касами од Беса. Пред јавните несогласувања, најавите беа дека на локалните избори ќе настапат заедно, како и оти ќе се започне со постапка за прераснување на коалицијата во една политичка партија.