Касами го предаде унифицираниот албански буквар во Тетово

од Nikola Popovski
82 прегледи

Градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами денеска по повод почетокот на новата учебна година го предаде и подели единствениот албански буквар, од кој ќе учат првачињата од албанска националност. Тој рече дека се надева дека во иднина овој буквар ќе го користат сите ученици. Овие учебници се печатени во Косово и од нив, како што беше речено, ќе учат учениците и во Косово и во Албанија и во Македонија.

„Тоа е унифициран учебник за сите Албанци во Косово, Албанија и Македонија. Станува збор за книга со која учениците Албанци ги учат првите букви на патот кон образованието и развојот. Ќе работиме сериозно сите учебници да бидат унифицирани во духот на заедништвото и во духот на европските вредности“, рече Касами, при посетата на основното училиште „Лирија“.

На прашањето дали има одобрение од Министерството за образование, тој одговори потврдно „бидејќи е издадено за употреба во Република Северна Македонија“.

Унифицираниот национален албански буквар, кој со години се користи во Косово и Албанија, има за цел да го унифицира учењето на албанските букви и првите зборови за албанските ученици од регионот.

Касами во изјава за медиумите зборуваше и за Законот за албанскиот јазик. Тој рече дека погрешното владеење на ДУИ во минатото предизвикало половични избори, додавајќи дека донеле повеќе политика, отколку што носеле одлуки во корист на Албанците.

Касами понатаму гарантираше дека со коалицијата ВЛЕН на власт албанскиот јазик ќе напредува.

„Ова се дел од последиците на недоличното владеење на ДУИ во минатото каде што нудеше половични решенија и секако носеше повеќе политички одлуки отколку носење одлуки во корист на Албанците. Гарантираме дека состојбата со употребата на албанскиот јазик и унапредувањето на правата на Албанците во владеењето на коалицијата ВЛЕН ќе напредува и нема да се влошува. Се разбира, и во Уставниот суд се уште има остатоци од претходната власт, кои ќе се обидат да ѝ служат на ДУИ и да создаваат тензични ситуации“, изјави претседателот на БЕСА, чија партија е дел од здружената албанска коалиција во земјава.

Слични содржини