Касами: Груби и Рустеми веројатно ќе треба да сносат одговорност за делата со Коридорот 8

од Nikola Popovski
48 прегледи

Првиот човек на Движењето Беса и градоначалник на Тетово, Биљал Касами денеска изјавил дека разговорите со конзорциумот „Бехтел и Енка“ одат во вистинска насока и дека очекува да продолжи изградбата на Коридорот 8. Тој истакнал дека актуелниот министер за транспорт, Александар Николовски и новиот директор на ЈПДП, Коце Трајановски треба да дадат дополнителни информации околу проектот.

Во емисијата „Дејли клик“, Касами нагласил дека поранешниот вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на ЈПДП, Ејуп Рустеми веројатно ќе треба да сносат одговорност за дејствијата поврзани со овој проект.

„И во однос на Коридорот 8 гарантираме дека сите разговори со Бехтел и Енка одат кон решавање на сите проблеми, дека динамиката на реализација на работите на терен е според договореното, бидејќи она што претходно го кажавме, го имаме ја алармираше јавноста, тоа сега го гледаме и секако и директорот и министерот наскоро ќе излезат со уште подетален извештај дека ДУИ на чело со Артан Груби и директорот Ејуп Рустеми направиле работи за кои најверојатно ќе треба да одговараат“, изјавил Касами.

Овој проект од самиот почеток го следат контроверзии. Прво се заобиколија закони и се донесе нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор. Првиот обид пропадна поради руска врска, а и вториот се поврзува со скандали со фирмите за надзор. Но и покрај сомнежите , Владата и „Бехтел и Енка“ го потпишаa договорот. И Основното јавно обвинителство, но и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отворија предмети за коридорите.

На 14 декември 2023 година, тогашната Влада формира Комитет за преговори и Преговарачки тим за имплементација на проектот. За членови на Комитетот за преговори беа назначени: вицепремиерот Груби, тогашниот вицепремиер за борба против корупцијата Љупчо Николовски, вицепремиерот за економски прашања, министрите за финансии, за животна средина, за труд и социјална политика, за економија, за транспорт и врски и директорот на Јавното претпријатие. Во таа владина одлука стои и дека член на комитетот е претставник од најголемата опозициска партија во Собранието, нешто што не се случи во реалноста.

Водач на комитетот беше токму Груби.

Слични содржини