Градоначалникот на Тетово и еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН, Биљал Касами, реагираше на коментарите на премиерот Христијан Мицкоски во врска со неговата изјава за поддршка на кандидатот на НАИ во Кичево, Фатмир Дехари.
Во интервју, Касами нагласил дека не ја гледа реакцијата на Мицкоски како „опомена“, објаснувајќи дека неговата изјава е извадена од контекст.
„Првично, не сметам дека имало каква било опомена. Мора да го земеме предвид контекстот, местото и медиумот во кој е дадена изјавата. Таа беше политички погрешно протолкувана, бидејќи нашите противници се обидоа да ја отворат етничката карта на овие избори“, рекол Касами.
Тој нагласил дека неговите ставови се јасни и во согласност со оние на коалицијата ВЛЕН, објаснувајќи дека намерата не била да се поддржи ниту еден кандидат поради етничка припадност, туку врз основа на морални вредности и политички перформанси.
„Фатмир Дехари е најслабиот кандидат на ДУИ, кој за време на неговото владеење не донесе ништо добро во Кичево. Напротив, им наштети на градот и на луѓето од Кичево. Поради оваа причина, не можеме да застанеме зад него само затоа што е Албанец“, рекол Касами во интервју за ТВ Алсат.
Градоначалникот на Тетово додал дека Движењето Беса отсекогаш ги поддржувало кандидатите кои ги претставуваат интересите на граѓаните, без оглед на етничката припадност.
„Како градоначалник на Тетово, работев за сите граѓани Албанци, Македонци, Турци, Роми. Тетово е космополитски град и сите ги уживаат сите придобивки од овие четири години. Во овој дух, и во Кичево, би сакале ДУИ да избере друг, подостоен кандидат“, нагласил Касами.
На крајот, тој потсети дека Движењето Беса имало свој кандидат во Кичево и дека граѓаните сега знаат „кого треба да поддржат во вториот круг“.
Премиерот Мицкоски и лидерот на БЕСА очигледно ги испеглале ставовите. Мицкоски ја потврди средбата и рече дека Касами почнал да ги праќа вистинските пораки. Ова следи по повиците за гласање по етнички клуч, испратени од кандидати за градоначалници од ВЛЕН. Мицкоски дециден – владината коалиција е стабилна.