Претседателот на Движењето Беса и градоначалник на општина Тетово, Биљал Касами денеска изјави дека е неприфатливо политички субјект кој е дел од власта да соработува со опозицијата, алудирајќи на можната соработка на Арбен Таравари со ДУИ.
„Видете, неприродно е политички субјект во владата што соработува со опозицијата да продолжи да биде дел од владата“,порачал Касами, додавајќи дека коалицијата ВЛЕН веќе донела јасна одлука за ова прашање.
Запрашан дали Таравари ќе ја напушти Владата, Касами истакнал дека за ова треба да се донесе одлука заедно со владините коалициски партнери.
„Повторувам дека секој кој соработува со ДУИ и Али Ахмети, кого го обвинувавме и го обвинуваме за корупција, криминал и 20-годишна злоупотреба на јавни позиции, не може да биде дел од Владата“, посочил Касами за медиумите, по општински настан на плоштадот во Тетово.
Според него, заминувањето на едниот од партнерите во коалицијата нема да влијае на бројот на гласачи кои ја поддржуваат ВЛЕН.
Градоначалникот информираше и дека во текот на неделата партиите кои ја сочинуваат ВЛЕН ќе именуваат вкупно 23 свои претставници за претседателство кое ќе се формира за новата партија со истото коалициско име. Тоа претседателство ќе формира и статут, според кој ќе се избираат претседател и партиски тела.