Касами: Време е да се формира Албанската академија во Македонија

од Nikola Popovski
92 прегледи

Претседателот на Движењето Беса и дел од коалицијата ВЛЕН, Биљал Касами денеска изјавил дека е дојдено време Албанците од Македонија да имаат застапеност и на академско ниво.

Касами на прес-конференција порачал дека како коалиција работат на законско решение со нивните пратеници, а во исто време и со владините партнери за овој проект да добие решение што е можно поскоро.

„Денес, Албанците од Северна Македонија, каде што веќе имаат основано три универзитети со настава на албански јазик, имаат потреба или е време и момент да имаат застапеност на академско ниво, а ние ќе се ангажираме политички за да биде тоа можно еден ден“, рекол Касами.

Универзитетскиот професор и еден од иницијаторите, Хасан Јашари изјавил дека формирањето на Албанската академија е во рамките на социјалниот дијалог и дека сите општества треба да се сензибилизираат и да ги гледаат како пријатели на општеството и науката, а не како непријатели. Јашари рекол и дека пред година и пол доставиле елаборат до Владата со сите кадровски ресурси, но дека не добиле одговор.

Во салата за состаноци на општина Тетово, денес се одржа средба помеѓу Касами, градоначалникот на Гостивар Валбон Лимани, градоначалникот на Чаир Висар Ганиу, градоначалникот на Желино, Блерим Сејдиу, со претставници на Албанска академија на науките и уметностите .

На оваа средба учествувал и претседателот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими.

Претходно, челниците на ВЛЕН порачаа дека Албанската академија првично ќе ја финансираат четирите општини кои ги предводат кадрите на оваа коалиција, а имаат намера во иднина оваа институција да се издигне на државно ниво и да се финансира од државата.

Пред три месеци, академици, ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, но и СДСМ и ДУИ ја отфрлија идејата со државни пари да финансира Албанска академија, која треба да биде пандан на МАНУ. Премиерот Христијан Мицкоски тогаш изјави дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ за тоа прашање е јасен, односно дека има македонска Академија на науките и уметностите и во рамките на Академијата се собрани научната мисла, научниците од различна етничка припадност.

Слични содржини