Градоначалникот на Тетово, Билал Касами денеска на брифинг одговори на писмото од Сојузот на борци кои му испратија порака да не се менуваат имињата на улиците во Тетово, поврзани со народното антифашистичко минато. Касами истакнал дека станувало збор за минат период и систем, а имињата на улиците ќе рефлектираат нов демократски концепт.
„Не можеме да бидеме заложници на одредено време. Македонија до 1990-тите беше под Југославија и имаше комунистички систем, монистички систем каде што имавме други херои кои ги почитувавме. Сега сме во демократска држава и сега имаме нов концепт со кој создаваме институции и ја градиме државата. Ова е демократски европски концепт и, се разбира, тоа ќе се одрази и на имињата на улиците во градот Тетово. Ова не е против ниту една етничка група во градот, туку е во интерес на сите етнички групи и треба да ја одрази реалноста, сегашноста и она што сакаме да го изградиме во иднина“, рекол Касами.
Тој додал дека некои имиња ќе останат, додека иницијативата е првично да се регистрираат улиците, а потоа да се именуваат. Формирана е Комисија која ќе го спроведе овој процес на именување на улиците, а граѓаните ќе можат да учествуваат со предлози. Според Касами, во оваа комисијачленуваат претставници од сите советодавни групи и надворешни експерти.
„Во оваа комисија членуваат Албанци и Македонци, претставници од власта и од опозицијата. Има и надворешни експерти кои ќе придонесат за целиот процес. Самата иницијатива не значи дека ќе се сменат сите постоечки имиња. Да ви дадам пример, не ја разбирам поврзаноста помеѓу идентификувањето на Македонија и Тетово со името „Кавказ“. Во Тетово има улица наречена „Кавкаска“ и не знам што сакаме да пренесеме со ова име на улица. Има некои такви примери кои не се поврзани со Тетово и Македонија и сигурно ќе се сменат, но улиците на македонските херои кои се од ова време сигурно дека ќе бидат земени предвид и ако комисијата одлучи да останат, ќе останат“, додава Касами.
Со оглед на тоа што некои улици во Тетово беа сменети во 2007 година, но не беа прифатени од централната власт и во моментов се користат со двe имиња, Касами рече дека тоа ќе се промени со нов закон. Според него, оваа регулатива ќе овозможи користење на имиња одобрени од општините и ќе се направи централен регистар.
Претходно, Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941-1945 и членовите продолжувачи, со писмо реагираа до градоначалникот на Тетово во кое му нагласуваат дека е недозволиво да ги менува имињата на улиците во градот кои го носат споменот на партизаните и борците против фашизмот. Од тетовскиот Сојуз на борци бараат одлуката за преименување, спротивно на идејата на Касами, да се носи со Бадентереово мнозинство, односно со мнозинство гласови од советниците Македонци.