Играчот од средниот ред Касемиро може да го напушти Манчестер Јунајтед во јануарскиот преоден рок и да игра во саудиската лига, пренесуваат Дејли Мејл и Скај Спортс.
Според информациите, Манчестер Јунајтед е подготвен да се раздели со значителен број од своите сегашни играчи, а се разговара за понуди и за постојани трансфери и за заеми. Меѓу веројатните заминувања покрај Касемиро се и Маркус Рашфорд, Кристијан Ериксен, Виктор Линделоф, Антони и други.
Скај Спортс тврди дека Манчестер Јунајтед бара близу 60 милиони фунти за Рашфорд, но се уште нема понуда за напаѓачот. Многу е веројатно дека „црвените ѓаволи“ ќе ја намалат цената за правата на Англичанецот со оглед на неговата огромна плата, лошата форма и проблемите кои ги направи со интервјуто во месец декември.
Скај Спортс во своите информации додава дека Јунајтед и Рашфорд можната разделба ја гледаат како позитивна за двете страни.