Во голем дел од скопските претпријатија недостасува соодветна опрема за работа, изјави денеска претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Македонија, Стојанче Кашиковски.
Тој рече дека работниците максимално се вложуваат во извршување на своите работи, но се надева дека од страна на менаџментот ќе бидат обезбедени соодветни услови за работа.
-Во моментот слободно можам да кажам дека сите претпријатија го делат проблемот. Во скопските претпријатија, како што е Паркови и зеленило, работниците немаат соодветна опрема за работа. Најосновната опрема за работниците од Паркови и зеленило се косилките за косење трева, кои недостасуваат, рече Кашиковски во одговор на новинарско прашање.
Додаде дека Комунална хигиена Скопје се соочува со слични проблеми и затоа има нередовно собирање на смет.
Истакна дека тоа не е поради неангажираноста или неработењето на работниците, туку заради немање основни средства за работа, односно камиони со кои што би се собрал тој смет.
-И другите претпријатија го делат овој проблем, но ние настојуваме преку дијалог со работодавачите да го надминуваме овој проблем, додаде Кашиковски.
Б.Т.