Војната во Украина е само еден елемент од глобалната војна на „слободниот свет против диктатурите“, предупреди Гари Каспаров, познатиот руски шахист и активист против Кремљ. Каспаров зборуваше на Бледскиот стратешки форум што вчера и денеска се одржува во словенечката туристичка дестинација.
За руската агресија врз Украина, познатиот шахист со хрватски пасош рече дека линиите на конфликтот во таа војна биле „јасни од самиот почеток“: диктатура и тиранија од една страна и либерално демократско уредување од друга.
„Војната во Украина е најважна, но таа е само еден од многуте елементи на оваа глобална војна против слободниот свет“, рече Каспаров.
Русите кои денес гинат на првите линии на конфликтот се борат за „политичкиот живот“ на рускиот претседател Владимир Путин и „опстанокот на корумпираната, морално банкротирана мафијашка структура која денес ја претставува руската влада“, рече тој.
Рускиот режим денес достигна точка каде што војната е единствениот начин да се остане на власт, смета Каспаров. Тој нагласи дека „демократскиот свет“ денес има огромна воена и економска предност, но „нема политичка волја да ја искористи“.
„Путин има план, Кина има план, исламистичките радикали имаат план, а слободниот свет нема“, додаде тој.
Влијанието на рускиот претседател денес може да се види низ светот, од Николас Мадуро во Венецуела до Северна Кореја, рече тој.
Каспаров смета дека денес Русија е изложена на ризик „да стане кинески сателит“, а Кина е „единствената земја која има територијални претензии кон Русија“, а тоа е околу 1,5 милиони квадратни километри „од Владивосток до Бајкалското Езеро“.
Познатиот шахист изјави дека „Кина со големо задоволство ја следи оваа војна бидејќи ја ослабува и Русија и слободниот свет“, а таа е надвор од фокусот. Каспаров се уште не ја гледа стратегијата на демократскиот дел од светот за победа на Украина.
Таа победа мора да вклучува целосно враќање на освоената територија, вклучително и Крим, воени репарации и гонење на воените злосторства, рече тој.
„Мораме да го убиеме империјалниот вирус во Русија. Тоа можеме да го постигнеме само со враќање на украинското знаме во Севастопол“, заклучи тој.