Многу блиску сме да се надминат пречките и да започнеме разговори. Имаме информации и од претставници на државите од Европската унија, од САД, но исто така и од Владата,вели исклучениот пратеник на БЕСА Кастриот Реџепи, кој ја урна опозициската иницијатива за недоверба на владата, додавајќи дека е убеден оти Македонија до крајот на јануари ќе добие датум за почеток на преговорите за членство во Европската унија.
-На средбата со премиерот пред неколку дена, бевме брифирани дека е испратен документот како одговори на барањата за дообјаснувања на некои точки кои беа пречка, кажа Реџепи за ТВ Сител.
Привремениот премиер Стефан Јанев посочи дека нема промена во ставот на Бугарија.
Јанев посочи дека вчера на состанокот на Советот на министри донеле став кој следната недела во Брисел ќе биде претставен пред Советот за општи работи.
-Она што го гледаме – медиумскиот ентузијазам што го покажаа странските лидери или странски медиуми, мислам дека не треба длабински да го коментираме во бугарскиот Парламент, бидејќи од оваа говорница не можеме да им кажеме на нашите колеги од соодветните влади што и како да направат, коментира Јанев.
Тој истакна дека позицијата на Бугарија за Република Северна Македонија, но и за целиот регион на Западен Балкан е постојана и непроменлива.
-Нашиот став е дека не само Република Северна Македонија, туку и Западен Балкан, како регион, ја заслужува својата европска иднина, а Бугарија низ годините не само што се изјасни, туку и придонесе за подготовка на овие земји на нивниот пат кон европска иднина, рече Јанев.
Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и натаму се надева дека ќе има преговори и за добивање позитивен сигнал на декемврискиот самит на ЕУ за отпочнување на преговори за нас и за Албанија во првите месеци од следната година. Тој откри дека постои француска иницијатива за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија.
– Да, има вистина дека има француска иницијатива, за да седнат на маса, за да се надминат сите разлики на начин што наредните месеци на 2022 година, на пролет, да се одржи првата меѓувладина конференција, рече Груби.
На прашањето како ја толкува пораката од Бугарија, повтори дека се надеваат на конструктивен пристап од бугарска страна.
–Ќе комуницираме со новата влада, која е резултат од изборите кои само што завршија во соседна Бугарија и се надеваме на тој конструктивен пристап затоа што кај нас има подготвеност за компромис кој е достоинствен и за нашата земја посебно за моите сограѓани Македонци, заклучи Груби.
Дека бугарската позиција кон Македонија е зацврстена говори и тоа што според последната анкета направена од Галуп, мнозинството или 71% од бугарските граѓани сметаат дека за земјава да добие зелено светло за старт на преговори за членство, мора најпрво да ги реши сите прашања со Бугарија, за разлика од минатата година кога на истото прашање таков одговор дале 57% од бугарските граѓани.