Катар ги кани хомосексуалците на СП: Сигурни сте, само не правете го тоа јавно

од Vladimir Zorba

Катар им гарантира безбедност на хомосексуалците, и фудбалерите и навивачите кои се плашат да дојдат во таа земја за време на Светското првенство во 2022 година, изјави извршниот директор на организацискиот комитет Насер Ал Катер за Си-Ен-Ен.

Австралиецот Џош Кавало неодамна стана првиот активен фудбалер од највисоко ниво кој јавно се изјасни како геј. Иако не е репрезентативец, 22-годишниот тогаш изјави дека би се плашел да оди на Светското првенство во Катар бидејќи „читал дека таму на хомосексуалците им се заканува смртна казна“.

Тоа е пропишано со шеријатскиот закон само за локалното население, но дури и организациите за човекови права признаваат дека нема докази дека тој некогаш бил спроведен. За странците, јавните испади на истополовата љубов се казнуваат со затвор.

„Тој е добредојден во Катар, го покануваме да дојде и да види, дури и пред Светското првенство. Никој овде не се чувствува загрозен или несигурен“, рече Ал Катер.

„За жал, тој впечаток можеби го стекнал читајќи различни обвинувања и написи кои фрлаат негативно светло. Катар е како секое општество во светот. Сите се добредојдени. Слушајте, ние не одобруваме јавни изливи на нежност, но тоа важи за сите. Катар е скромна земја. Ние само бараме да се почитува ова. Освен тоа, секој е слободен да живее како што сака. Хомосексуалците ќе дојдат во Катар како навивачи и ќе можат да прават се што би правеле другите човечки суштества. Јас само велам дека Катар е конзервативен во однос на јавното покажување нежност“.

Според студија од 2019 година, Катар е прогласен за втора најопасна дестинација во светот за луѓето со алтернативни форми на сексуалност, но Ал Катер тврди дека таквата перцепција е неправедна.

„Последниве години беше уште полошо, без разлика колку државата Катар се обидуваше да го забрза напредокот. За тоа воопшто не се зборува“, рече шефот на организацијата на СП.

Светското првенство во Катар ќе се игра од 21 ноември до 18 декември на најмалиот простор во историјата, каде најдолгата оддалеченост меѓу стадионите ќе биде 55 километри.

Слични содржини