На голманот на Реал Мадрид, Тибо Куртоа, му била дијагностицирана повреда на левата нога, соопшти шпанскиот прволигаш.
Куртоа одигра цели 90 минути во неделното реми 1-1 со Атлетико Мадрид, но сега се очекува да го пропушти натпреварот од Лигата на шампионите против Лил во среда и првенствениот натпревар против Виљареал во сабота.
Белгиецот, кој неодамна изјави дека нема да игра за националниот тим под водство на Доменико Тедеско, ги започна сите десет натпревари за Реал оваа сезона, откако го пропушти поголемиот дел од минатата сезона поради повреда на левото колено.
Куртоа се врати во Реал во мај и беше во тимот кој победи во финалето на Лигата на шампионите против Борусија Дортмунд, но не беше дел од составот на Белгија за Евро 2024 година.
Славниот голман се најде во големи проблеми на натпреварот против неговиот поранешен клуб Атлетико. Имено, хулиганите на Атлетико фрлале кон него запалки и остри предмети, а на социјалните мрежи кружи снимка како кон него фрлале и човечки измет.