Категорично ги отфрламе невистините дека придавката „македонски“ се заменува со уставното име, велат од Комисијата

од Stefanija Kuzmanovska
351 прегледи

Категорично ги отфрламе невистините дека придавката „македонски“ се заменува со уставното име Република Северна Македонија и дека придавката „македонски“ ќе се користи само во цитатите на членовите на Комисијата, нагласуваат за МИА од македонскиот тим на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.

-Членовите на македонскиот тим во Комисијата би сакале да ја информираат јавноста во однос на неточните и нецелосни информации кои се појавија во јавноста во врска со вчерашната виртуелна средба на која беше усогласен записникот од деветтата средба. Имено, категорично ги отфрламе невистините дека придавката македонски се заменува со уставното име Република Северна Македонија и дека придавката македонски ќе се користи само во цитатите на членовите на Комисијата, наведуваат од македонскиот тим на Комисијата.
Потенцираат дека на вчерашната средба беше постигнато техничко решение со кое одредени проблеми биле надминати, при што секоја страна останала на своите ставови и позиции во контекст на проблематичните прашања во содржината на записниците.

-Би сакале да испратиме повик до новинар(к)ите да известуваат одговорно и професионално за теми кои се важни за интересите на македонската држава, апелираат од Комисијата. Дел од медиумите денеска објавија дека придавката “македонски” ќе се користи само во цитатите од записниците, а во официјалните заклучоци од средбите ќе се употребува уставното име на земјава.

Македонскиот тим од Комисијата вчера за МИА нагласи дека на вчерашната средба, на која се дискутираше за усогласување на содржината во записниците од деветтата и десеттата средба бил постигнат напредок.

– Двете страни ја усогласија содржината на Записникот од деветтата средба, а во однос на десеттата средба беа надминати неколку прашања поврзани со содржината на записникот, посочија од Комисијата. Во периодот до наредната редовна средба, која начелно е договорена да се одржи на 25 и 26 февруари, ќе се продолжи со работа во однос на останатите прашања од записникот од десеттата и за записникот од последната, единаесеттата средба на Комисијата.

Слични содржини