Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева утре ќе му образложи на Советот на јавни обвинители зошто ги отстрани од својот тим Лејла Кадриу и Марија Ѓоревска. Од нејзиниот кабинет потврдуваат дека таа ќе се појави пред тричлената комисија, што Советот ја формира директно за оваа намена.

-Утре во 11 часот Специјалната обвинителка Катица Јанева ќе се јави на поканата од Советот на јавни обвинители. Таа пред комисијата ќе ја образложи својата постапка, која целосно е во согласност со законот. Не е спорно дека Советот има законско право да поставува прашања за работата на Специјалното обвинителство, изјави за Телма Ленче Ристовска, портпарол на Специјалното јавно обвинителство.
Овие денови Специјалното обвинителство се држеше до објаснувањето дека двете обвинителки се прогласени за вишок во согласност со обемот на работа. Тие веќе дадоа изјави пред комисијата. Ниту една страна не ги потврдува шпекулациите за изгубена меѓусебна доверба. Но во Советот потенцираат дека тие се единствениот орган кој има право да ја контролира работата на Јанева.
-Специјалната обвинителка за своите постапки одговара единствено пред Советот на обвинители. Ова е вонредно повикување поради сомневањето дека процедурата е прекршена. Сосема друго прашање е законската обврска за поднесување извештај за преземените активности на секои шест месеци, објаснува Петар Аневски, претседател на Советот на јавни обвинители.
Аневски вели дека е прерано да се зборува за кривичната пријава против тројца обвинители од тимот на Јанева, за малтретирање во вршење на службата. Поднесена е од физичко лице кое тврди дека истражители на Јанева му се заканувале и се обидувале да му изнудат изјава. За оваа пријава прво треба да се произнесе Скопското јавно обвинителство. Од Специјалното, ги отфрлаат наводите и тврдат дека целосно се постапува во согласност со законот. На утрешната средба, нема да се отвори ниту прашањето за постапувањето со материјалите преземени од СДСМ. Советот побара и ќе добие писмено образложение./ извор Телма