На хартија, Грција нема богати луѓе, бидејќи само 27.000 граѓани пријавуваат приходи поголеми од 100.000 евра, додека четворица од десет живеат со 5.000 евра годишно, пишува „Катимерини“.
Весникот наведува дека клучно е да се откријат и правилно да се евидентираат приходите, средствата и добивката, за да може даночната политика да се дизајнира поправедно, пренесува Capital.ba.
Помалку од 15.000 сопственици имаат личен недвижен имот вреден повеќе од еден милион евра, додека помалку од 70.000 штедачи имаат депозити во банките од по 100.000 евра.
Од вкупно околу 300.000 фирми кои работат во земјата, само десет илјади од нив пријавуваат даночна добивка поголема од 150.000 евра.
За разлика од нив, 235.000 компании или приближно осум од десет компании имаат или загуби или добивки помали од десет илјади евра годишно.
Во областа на недвижностите, двајца од тројца сопственици имаат личен имот кој не надминува 60.000 евра, додека околу 650.000 сопственици имаат имот чија вредност не надминува 80.000 евра.
Во просек, тројца од четворица сопственици имаат данок од неколку десетици или стотици евра.
Околу 1,7 милиони сопственици плаќаат даноци до 100 евра, околу 3,2 милиони плаќаат од 101 до 500 евра, а 1,4 милиони членови плаќаат од 501 до пет илјади евра.
Околу 35.000 граѓани плаќаат пет илјади евра и повеќе, а бројот на оние кои плаќаат данок над 500.000 евра не надминува 500, наведува „Катимерини“.
Порталот додава дека во Грција има само 15.000 луѓе кои имаат имот вреден повеќе од еден милион евра.