Кацарска: Поддржувам ветинг, има судии кои не заслужуваат да ја носат судиската тога

од Aleksandar Todeski
487 прегледи

Јас сум силен поддржувач на идејата да се спроведе процес на ветинг. Помеѓу судиите има и такви кои не заслужуваат да ја носат судиската тога, вели во интервју за „Макфакс“ судијката од Кривичниот суд во Скопје, Добрила Кацарска.

„Сметам дека преку тој процес на ветинг конечно во Македонија би се тргнале сите оние судии кои не заслужуваат да бидат носители на судиската функција. Се знае кој може да биде судија. Оние основни услови ги исполнуваме сите, меѓутоа еден судија мора да биде со интегритет, професионалец и слично. Не може да имаме нечесни, корумпирани и неморални луѓе во судството без оглед во кој и да е суд во Република Северна Македонија и сметам дека државата не може тоа да си го дозволи, а како што гледаме сите, има чудни ситуации последниве години во судството. Ние судиите самите допринесовме со нашето однесување, угледот на судот да биде на најниско ниво“, истакнува Кацарска.

Таа додава дека е судија 33 години но и дека била приправник во судот од 1982 година. Вели, ова што сега се случува не можело да се замисли порано да се случи.

„Кога ги слушам политичарите како дискутираат за ветингот, добивам некој впечаток дека се плашат дека може да ни се случи тоа што се случи во Република Албанија, дека можеби голем дел од судиите нема да го поминат тој процес на ветинг, но според мене, подобро е извесен период да има помал број на судии кои ќе бидат професионални и ќе ја вршат чесно функцијата судија, отколку да биде пополнет бројот на судии, а да има такви кои се срам за судството. Конечно, кога би се спровел процесот на ветинг, тоа ќе биде ветар во грб за сите чесни судии, да се вложат во работата и уште повеќе да работат согласно законите, затоа што граѓаните на Република Северна Македонија тоа го очекуваат од нас, чесно и професионално постапување“, вели Кацарска во интервјуто.

Според судијката, штом јавно се зборува за влијанија од различни центри на моќ, адвокатски лоби друштва и слично, значи дека постои такво нешто, што исто така е срам за судството.

„Јас не ги обвинувам политичарите за таквите влијанија врз одредени судии бидејќи не можам да кажам дека сите судии се такви. Вината ја барам кај судиите, бидејќи судијата е тој кој дозволува или не дозволува да му се врши влијание. Ако сте човек со интегритет и знаат дека нема да можат да ви вршат влијание, тогаш нема да ви вршат влијание. Убедена сум дека не постои политичар или партија во светот кои не сакаат да ги потиснат судиите, затоа треба ние да си ја вршиме работата чесно, за да не се случува тоа“, вели за „Макфакс“ Кацарска.

Слични содржини