Марина Кавракова, претседател на Градскиот комитет на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и член на Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес преку соопштение објави дека се покажало дека Мицкоски бил лажна надеж.
„Се покажа дека нема капацитет да ја консолидира партијата, наместо тоа тој го подели членството на кредибилни и некредибилни, на инфицирани и неинфицирани … Се покажа дека тој не може да ја врати партијата на победничките патеки“, вели Кавракова.
Таа вели дека во декември 2017 година на вонредниот конгрес на партијата во Валандово, делегатите на Конгресот го избрале Христијан Мицкоски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Тогаш многумина од нас гледаа во него нова надеж и нова енергија во ВМРО-ДПМНЕ. Гледавме како на човек со кого многу брзо ќе се вратиме на победничките патеки. Членството му веруваше и очекуваше. Сепак, Мицкоски не уверуваше дека победата само што не дошла. Се сервираа нереални анкети во кои убедливо водевме. За жал се покажа дека тоа било само лажна надеж, купување време и мир во партиската структура. Денес, од оние фамозни три столба кои сам си ги постави како услов за успех, не исполнува ниту еден од нив. Токму затоа е време за оставка и за свикување вонреден конгрес“, смета Кавракова.