Шпанскиот дефанзивец Серхио Рамос ризикува суспензија од 15 натпревари и тешка парична казна поради црвениот картон што го доби во 12. коло од мексиканското првенство меѓу Рајадос Монтереј и Пумас, објавија тамошните медиуми.
Дисциплинската комисија отвори истрага против поранешниот шпански репрезентативец и судијата по жалба на Пумас. На натпреварот, Рамос доби црвен картон поради грубиот прекршок над Гиљермо Мартинез, но претходно направи неколку сериозни прекршоци кои останаа незабележани од судијата, вклучително и удар со лакт во лицето на Пауло Беневенто и удар на Лисандро Магајан.
За своето агресивно однесување, Серхио Рамос може да биде казнет до 15 натпревари и парична казна до 248.000 евра. Иако тешко дека светскиот шампион од 2010 година ќе биде казнет со максимална санкција, тој сигурно ќе пропушти многу натпревари за тимот од Монтереј.