Казна затвор од 2 години и 5 месеци за седмата обвинета во „Двојник“

од Nikola Popovski
284 прегледи

Уште една од обвинетите вработени во МВР за издавањето на пасоши за случајот „Двојник“ призна вина на денешното рочиште пред Основниот кривичен суд во Скопје, по што ѝ беше изречена казна затвор од две години и пет месеци.

Оливера Софрониевска е шестта, од првично десетте обвинети вработени во МВР, на кои Судот им изрече затворска казна откако го признаа делото. Според обвинението, таа одобрила издавање на 198 лажни патни исправи.

Судијката Оља Ристова, рече дека казната ја одмерила според отежнителните околности, како што е нејзината положба како овластено службено лице, но и олеснителните околности, како тоа што досега не е осудувана и нејзината семејна положба.

Претходно денеска вина призна и Шемседин Јашари, на кого судот му изрече казна затвор од година и седум месеци.

Судот на првото рочиште ги прогласи за виновни за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување четворицата вработени во МВР, кои признаа вина и им одреди казни затвор и тоа: казна затвор од две години и седум месеци и забрана за вршење дејност и должност од десет години за обвинетиот Денис Баруфи, казна затвор од две години и три месеци и забрана за вршење дејност и должност од десет години на Ален Личина, на Ѓорѓе Велков казна затвор од две години и мерка забрана за вршење дејност и должност десет години, додека на Фарук Биља, му одреди алтернатива мерка условна осуда од шест месеци, која нема да се изврши ако обвинетиот во рок од две години не го повтори делото, како и забрана за вршење дејност и должност во период од три години.

Судот на Раиф Мифтари, кој исто така, призна вина му одреди казна затвор од две години и три месеци за кривично дело поттикнување.

Слични содржини